Селекторот Милевски го објави списокот на фудбалери за натпреварите против Шпанија и Фарски Острови

Македонската репрезентација до 21 година на почетокот од следниот месец ги продолжува квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство. Селекцијата предводена од Благоја Милевски на 3. септември ја пречекува Шпанија (18:45 часот, Национална арена „Тодор Проески), додека на 8. септември гостуваме на Фарски Острови.

Селекторот на македонската репрезентација повика 24 играчи на списокот на фудбалери кои ќе конкурираат за настап на двата натпревари. Шестмина се дебитанти, отпаднаа Јани Атанасов и Емил Абаз (сеуште без клубови) и  Хајдари поради повреда.

ГОЛМАНИ: Ристе ЈАНКОВ (Работнички), Давид ДЕНКОВСКИ (Брегалница), Марко АЛЧЕВСКИ (Академија Пандев);

ОДБРАНА: Агрон РУФАТИ (Истра, Хрватска), Есмин ЛИЧИНА (Македонија Ѓ.П.), Филип АНТОВСКИ (Динамо Загреб, Хрватска), Тодор ТОДОРОВСКИ (Осијек, Хрватска), Ване ЈОВАНОВ (Академија Пандев), Никола СЕРАФИМОВ (Академија Пандев), Блертон ШЕЈИ (Струга Трим Љум), Марио МЛАДЕНОВСКИ (Фремад Амагер, Данска);

СРЕДЕН РЕД: Давор ЗДРАВКОВСКИ (АЕЛ, Кипар), Кристијан АЦКОВСКИ (Брегалница), Енис ФАЗЛАГИЌ (Жилина, Словачка), Димитар ТОДОРОВСКИ (Работнички), Томче ГРОЗДАНОВСКИ (Злате Моравце, Словачка), Ердон ДАЦИ (Коњаспор, Турција);

НАПАД: Милан РИСТОВСКИ (Ријека, Хрватска), Дарко ЧУРЛИНОВ (Штутгарт, Германија), Кристијан ТРАПАНОВСКИ (Академија Пандев), Давид ТОШЕВСКИ (Ростов, Русија), Димитар МИТРОВСКИ (Спортинг Лисабон, Португалија), Марко ЃОРГИЕВСКИ (Раднички Пирот, Србија), Љавдрим ФАЗЛИУ (Пелитер);

–  Поради промената во системот за натпреварување и начинот за пласман на Европското првенство, (првопласираните по група и петте најдобро пласирани втори репрезентации обезбедуваат место на ЕП), не ни преостанува ништо друго освен да се обидеме да освоиме колку што е можно повеќе бодови до крајот од квалификацискиот циклус. За овие натпреаври ќе ни недостасуваат, односно нема да сметаме на Јани Атанасов и Емил Абаз, фудбалери кои сеуште го немаат решено клупскиот статус, а поради повреда го немаме ниту Хајдари. Неизвесен е и настапот на Серафимов, но се надевам дека ќе се опорави од повредата, веќе е во тренажен процес и ќе биде во конкуренција за настап. Имаме неколку дебитанти, Алчевски, Тодоровски, Тошевски, Младеновски, Шеји и Фазлиу кои се надевам дека ќе ја зголемат конкуренцијата во тимот и ќе дадат придонес во нашата игра. Шпанија е голем фаворит, не треба да се потенцира посебно нивниот квалитет, но јас се надевам дека ќе бидеме на нивото од првото полувреме од нашиот меѓусебен дуел во Шпанија и квалитетно ќе се спротивставиме, изјави Благоја Милевски.

Во “ДНК-то” на селекторот кој ја предводеше Македонија на првото Европско првенство секогаш на прво место е победа и надигрување со било кој противник, но, Милевски вели дека сега околностите се причина акцентот да биде ставен на друго место, односно заедно со стручниот штаб да се обидат преку репрезентацијата која ја предводат да создаваат фудбалери кои ќе бидат важен дел од А селекцијата.

– Околностите во кои работиме сега и пред три години се сосема различни. Искуството кое го носиме од Европското првенство во Полска ни дава за право да предвидуваме некои работи и да бидеме свесни за нашите можности. Главна задача за нас сега е да создаваме фудбалери кои во иднина ќе бидат дел од А репрезентацијата. Се разбира дека доколку паралелно со ова ни се укаже шанса за пласман на ЕП, тогаш секако ќе го дадеме нашиот максимум за да го повториме успехот. Не велам дека нема и сега да се обидеме да се спротивставиме на противниците во групата, но реално, се обидувам да го потенцирам акцентот на работа во селекцијата и кон што ќе се стремиме во иднина. Ние знаеме што сѐ треба за да им се спротивставиме на селекции од типот на Шпанија, Франција или Португалија. Во околности кога изборот на фудбалери ни е ограничен, нормално е да се насочиме кон создавање на други вредности. Во следниот период тоа ќе биде наша главна задача, ќе селектираме фудбалери со потенцијал во блиска иднина да станат дел од најдобрата селекција. Сметам дека со нашето искуство од Европското првенство од кое произлегоа врвни фудбалери, можеме да го прифатиме и овој предизвик и одново да се ставиме во функција на македонскиот фудбал. Иако, во мојот карактер секогаш победата е на прво место. Фудбалерите на кои им даваме шанса имаат потенцијал и способност да се надградуваат и технички и тактички. Се разбира, фудбалската интелегенција (антиципација и перцепција), како и психолошката стабилност е нешто што мораат да го имаат за да одиме напред и како колектив, но и како поединци, завршува Благоја Милевски.