25/04/2024
Спорт

Селекторот Милевски го објави списокот за Лихтенштајн и Германија

Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски го објави списокот со повикани фудбалери за квалификациските натпревари на македонската репрезентација за пласман на Светското првенство 2022 година.

Нашата најдобра селекција на 8. октомври ќе се соочи со Лихтенштајн на гостински терен во Вадуц, а на 11. октомври на Националата арена „Тодор Проески“ ќе ја пречекаме селекцијата на Германија.

Селекторот Благоја Милевски повика 26 фудбалери за двата меча. Ердал Ракип од шведски Малме за прв пат добива повик во А репрезентацијата.

Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Ваљекано, Шпанија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар), Дејан Илиев (Серед, Словачка);

Одбрана: Стефан Ристовски (Динамо Загреб, Хрватска), Дарко Велковски (Ријека, Хрватска), Висар Муслиу (Мол Види, Унгарија), Кире Ристевски (АЕЛ Лимасол, Кипар), Езѓан Алиоски (АЛ Ахли, Саудиска Арабија), Тодор Тодоровски (Раднички Ниш, Србија), Стефан Ашковски (Сепси, Романија), Ѓоко Зајков (Левски, Бугарија), Никола Серафимов (Залаегерсег, Унгарија);

Среден ред: Елиф Елмас (Наполи, Италија), Енис Барди (Леванте, Шпанија), Стефан Спировски (Мариупол, Украина), Тихомир Костадинов (Ружомберог, Словачка), Бобан Николов (Шериф Тираспол, Молдавија), Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Ердал Ракип (Малме, Шведска), Јани Атанасов (Хајдук Сплит, Хрватска);

Напад: Адис Јаховиќ (Гестепе, Турција), Милан Ристовски (Спратак Трнава, Словачка), Бојан Миовски (МТК, Унгарија), Александар Трајковски (Алборг, Данска),  Дарко Чурлинов (Шалке 04, Германија), Никола Ѓорѓев (Грасхоперс, Швајцарија); 

Собирот на македонската репрезентација е закажан за 3. октомври (20:00 ч.) во Скопје.

– Се соочуваме со мали проблеми околу играчкиот состав. Има неколку играчи кои се жалат на ситни повреди, неизвесен е нивниот настап за претстојните натпревари. Енис Барди е повреден, веќе подолг период не игра.На повреда се пожали и Висар Муслиу, по консултација со нашиот лекарски тим ќе биде одлучено дали двајцата фудбалери ќе бидат во можност за настап. Претходно имавме проблем и со Аријан Адеми, но неговата повреда е санирана, го очекуваме за овие натпревари. Дарко Чурлинов заработи повреда, но за среќа не се работи за ништо посериозно, би требало да биде подготвен за настап.

– Екдал Ракип е одличен фудбалер кој доаѓа од шведското првенство, игра константно во екипата на Малме која годинава настапува во Лигата на шампионите. Со неговото доаѓање ке добиеме на квалитет во средниот ред, ке ја зајакнеме конкуренцијата во тимот, а од него зависи дали ќе се наметне во првиот тим или не. Има 25 години, може да очекуваме многу од него во наредниот период што следи.

– Најбитен е натпреварот со Лихтенштајн. Не очекува најтешкиот меч во досегашниот тек од квалификациите. Се работи за селекција која константно напредува во последните години. Не е истата селекција од пред 10 години. Имаат одличен тим, пред се на колективно ниво, тоа го докажаа на натпеварите со Ерменија и Германија. Очекувам да го дадеме максимумот на тој натпревар, да дадеме се од себе за да ги освоиме трите бода од тоа гостување. Фаворити сме, но тоа мора да го покажеме и на терен. Очекувам од моите фудбалери да бидат далеку во поголема форма од натпреварите во септември. Сите се во тренажен и натпреварувачки ритам. – изјави Милевски.