20/04/2024
Струга

Селото Вишни се подготвува за празникот „Спасовден“ или „Вознесение Христово“

Со ритуалот на миење на коските од Светицата Спаса Вишенска, на 1ви јуни, вторник со почеток од 16 часот, во Црквата Св. Атанасиј во Вишни, ќе започнат подготовките за прославата на Спасовден. На овој чин, присуствуваат само жени. Празнување на Спасовден во Вишни има уникатна особеност и буди интерес кај многу верници бидејќи на овој празник го чествува и ликот испосничката Спаса, која водела осаменички живот, за време на средниот век токму во пештерната црква по клисурата на реката Сушица, во близина на селото.

Следниот ден, на 2ри, јуни, четврток, во 09:00 часот ќе се одржи богослужба во црквата „Св. Атанасиј“, а потоа, свечена поворка, од млади девојки, ќе тргне кон пештерната црква „Вознесение Христово“ каде ќе биде однесена светата реликвија – кутијата со коските на светицата, пред која верниците ќе можат да се поклонат и помолат.

Иако сеуште неканонизирана, преданието за испосничката Спаса, се пренесува и слави меѓу Вишенци и другите верници од Струшкиот регион. Се верува дека им помага на немажените девојки и болните. Чудата и житието на Спаса Вишенска е предмет на интерес на многу репортери кои оставиле значајни сведоштва за нејзиниот лик. Во едно од нив ќе прочитаме:

За време на доаѓањето на исламот во Западна Македонија, сурово прогонувани од Турците, братот Спасе и Спаса, се засолнале во пештерските цркви: Спасе во Вевчани, а Спаса во Вишни. Селаните сведочеле појава на сноп светлина кој се спуштал од Вевчани кон Вишни, ноќта наспроти Спасовден, толкувајќи го како чин на нераскинлива врска помеѓу братот и сестрата кои својот живот му го посветиле на Бога, далеку од земниот живот, во недопрениот мир во високите пештери.

Спаса живеела тивок и испоснички живот во пештерата, се до својата смрт, кога на сон и се јавила на верничката Марија од Горна Белица, да дојде да и ги собере коските. Оддтогаш тие се чуваат во кутија во с. Вишни, прекриени со сребрена маска, изработена од кувенџиските мајстори.

Црковниот Одбор од с.Вишни, упатува покана до сите верници и намерници, да се придружат во спроведувањето на свеченоста и поворката кон пештерната црква, воедно имајќи прилика да го доживеат и прекрасниот крајолик, по клисурата на реката Сушица, кој води до црквата.


WebOhrid / 30.05.2022 / Црковен Одбор с.Вишни