Сериозен проблем со водоснабдувањето во Трпејца – револт меѓу жителите
Во село Трпејца веќе повеќе од една недела, секојдневно по 15 часот нема вода. Овој проблем е присутен секоја летна сезона, но оваа година ситуацијата е особено сериозна – водата ја снемува порано и не се враќа со часови, па дури и со денови.
Нов резервоар е поставен, но наместо подобрување, имаме полоша состојба од кога било досега. Дополнително, нема никаква јасна информација, ниту транспарентност околу причините за прекините. Граѓаните се префрлаат од една на друга институција – месната заедница тврди дека проблемот е пријавен, а од ЈП Водовод добиваме информации дека не се известени. Број за одговорни лица не се добива, а објаснувања – нема.
Во јавноста кружат информации дека пумпите не се пуштаат за да се заштеди струја, поради високи сметки на ЈП Водовод. Доколку ова е вистина, станува збор за свесна одлука со која граѓаните и туристите се оставаат без основна животна потреба – вода. Тоа е недозволиво и неетички.
Сакаме да знаете дека оваа ситуација предизвикува директни економски загуби – гости си заминуваат од апартмани веднаш штом ќе видат дека нема вода. Секојдневно сме соочени со срам и бес, и тоа не само ние што живееме овде, туку и секој кој одлучил да го посети ова место.
Бараме итен одговор на следниве прашања:
- Зошто нема вода секој ден по 15 часот?
- Дали е точно дека пумпите не се пуштаат заради економии?
- Кој е надлежен и кој ќе понесе одговорност за овој проблем?
- Кои се конкретните чекори што Општина Охрид ќе ги преземе за итно решавање на оваа состојба?
Бараме итна реакција, транспарентност и одговорност. Село Трпејца, како туристичко место од исклучителна важност за Општината и за државата, заслужува основни услови за живот и работа – а тоа почнува со вода.
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност
