29/03/2024
Македонија

Шест општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион ќе работат на одржливо управување со отпадот

По повод одбележувањето на 5 Јуни Светски ден на животната средина, денеска во хотелот Double Tree Hilton, се одржа воведната Конференција на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“.

Одржливите практики за управување со отпад повеќе не се само идеал; тие се суштински дел од одржувањето на деликатната рамнотежа на нашите екосистеми и ублажувањето на еколошката криза со која се соочува нашата планета денес. Препознавајќи ја оваа итност, напорите ширум светот се фокусирани на префрлање од традиционалните, линеарни методи на отпад „земи-направи-фрли“ кон циркуларни и еколошки пристапи, со цел да се  намали отпадот, а да се зголеми рециклирањето и обновувањето. Тргнувајќи оттука, проектот е насочен кон поодржливи јавни услуги, подобрена усогласеност со законодавството на ЕУ и поголема одговорност за животна средина меѓу граѓаните. Исто така, ќе помогне да се зајакне локалната демократија преку подобрување на административниот капацитет и учеството на јавноста како и решавање на аспектите на родовите и човековите права поврзани со управувањето со отпадот.

„Веруваме дека овој проект ќе ни помогне да го зајакнеме управувањето со животната средина и да ги подобриме системите за управување со отпад низ целата земја. Овој потфат не е значаен само од аспект на усогласување со ЕУ; се работи за поттикнување на одржлив развој, заштита на нашите природни ресурси и подобрување на квалитетот на животот на нашите граѓани.“ изјави Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, во своето воведно обраќање. 

Рајан Нокс, извршниот директор на САЛАР Интернационал рече дека експоненцијалниот раст на отпадот бара соработка, иновативни идеи и промени во практиките за да се обезбеди поодржлива иднина. Усвојувајќи холистички пристап, проектот ќе работи со различно ниво на управување, односно локално, регионално и национално ниво.

Проектот ќе поддржи шест избрани општини во Југозападниот и Пелагонискиот регион во процесот на планирање за управување со отпад како и спроведување на плановите. Истиот ќе работи со општинските администрации, локалните јавни комунални претпријатија и жителите во избраните општините да ги подобрат практиките за планирање за управување со отпад и да ја зајакнат способноста за обезбедување инклузивни и одржливи услуги за управување со отпадот. Проектот ќе ги поддржи и останатите 12 општини од двата региони преку изработка на локални акциски планови (ЛАП), споделување најдобри практики и воведување модели за подобра меѓуопштинска соработка и координација.

Извршната директорка на ЗЕЛС Душица Перишиќ нагласи дека „Управувањето со отпад претставува една од поважните задачи на единиците на локална  самоуправа, тоа е една од услугите што општините треба да ги дадат на своите граѓани. Поддршката за јакнење на свеста за селекција на отпадот, јакнењето на капацитетите на локалната власт како и обезбедувањето на соодветна и квалитетна опрема за селекција и транспорт на отпадот се важни делови во целиот овој процес. Но најважно од се е соодветна имплементација на законските одредби и неселективна примена на казните за секое загрозување на животната средина.“

На конференцијата беа потпишани меморандуми за соработка помеѓу САЛАР Интернационал, избраните општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион (Битола, Прилеп, Новаци, Охрид, Кичево и Пласница) и партнерите на проектот – Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС. Со потпишување на меморандумите започна и официјалниот дел на имплементацијата на проектот на локално ниво, кој веќе има изработена студија за состојбата со отпадот во овој дел од земјата.  

Проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ е финансиран од СИДА (Шведската агенција за меѓународна развојна соработка), а имплементиран од Шведската асоцијација на локални власти и региони (САЛАР) и нејзината подружница САЛАР Интернационал.