06/10/2024
Македонија

Северна Македонија за 23 места го подобри рејтингот на Глобалниот индекс на мирот

Северна Македонија направи скок за 23 места на листата на Глобалниот индекс на мирот во споредба со минатата година и го дели 65-тото место со Грција, на листата на која се рангирани 163 земји.

Според истражувањето за годинешниот глобален индекс на мирот што го прави Австралискиот институт за економија и мир, оценува дека во споредба со периодот од пред една деценија, светот во 2019 е најбезбеден во последниве пет години. 

Анализата што се прави за стабилноста и мирот во сите земји во светот покажува дека меѓу петте земји што го подобриле својот резултат е и Северна Македонија.

Овие резултати покажуваат дека Северна Македонија и нејзината посветеност на напорите за европско и евроатлантско интегрирање сериозно придонесува не само кон регионалната туку и глобалната безбедност, мир и стабилност.

„Анализата за стабилноста и мирот во сите земји во светот покажува дека Северна Македонија е во петте земји кои го подобриле својот резултат. За само една година сме успеале да ја поправиме својата стабилност на Глобалниот мировен индекс за 23 места. Без стабилност и мир нема економски напредок. Нашите граѓани го знаат значењето на стабилноста и мирот. НАТО е рецепт кој дава резултати – тоа го видовме оваа година и во делот на економијата“, истакна синоќа заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, учествувајќи на жешкото столче во емисијата „Топ Тема“.

Одговарајќи на прашањето дали вредеше Договорот од Преспа, министерката Шекеринска рече дека 630.000 луѓе во државата, најголемото мнозинство, пред 8 месеци кажа – да, и напредокот на нашата земја за 23 места на листата на Глобалниот индекс на мирот во споредба со минатата година, е резултат и на преспанскиот договор за зацврстување на мирот и стабилноста во регионот и светот.

Индексот, врз чија основа се рангирани земјите од „најбезбедна“ до „најнебезбедна“, се пресметува врз основа на 23 фактори, меѓу кои и внатрешни и надворешни конфликти, воени трошоци, тероризам, убиства и криминал.