19/04/2024
Охрид

Шикоски: Градоначалникот спровел постапка за оттуѓување на градежно земјиште по однапред договорени услови

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид денес одржа прес-конференција, на која говореше Дејан Шикоски, советник во Советот на општина Охрид.

„Локалната власт предводена од СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески работи само за лични интереси, а на штета на интересите на охриѓани.

Општина Охрид и градоначалникот Георгиески во индустриската зона Мауцкер продадоа парцели по пат на јавно наддавање за багателна сума од 71 денар по метар квадратен.

Уште колку неисплатени фактури од изборите има градоначалникот Георгиески кон советникот Нефи Усеини?

Ако во објавата стои дека намената на градежното земјиште е лесна и незагадувачка индустрија тогаш Георгиески да одговори дали на продадените парцели ќе се гради асфалтна и бетонска база?

Јавноста сака да слушне од Георгиески дали условите се свесно направени, за да не може никој друг да го купи земјиштето за таа смешна цена?

Имено, за учество на електронското јавно наддавање се поставуваат селективни услови како банкарска гаранција за сериозност на понуда од дури 3.024.807,00 денари. Како дополнителни услови се бараат минимален износ на вкупни приходи остварени од работењето во последните три години во износ не помал од 150.000.000,00 денари и бројот на вработените да не е помал од 25 лица.

ВМРО-ДПМНЕ до Државната комисија за спречување на корупција, ќе поднесе соодветна пријава против Градоначалникот на општина Охрид, заради тоа што спровел постапка за оттуѓување на градежно земјиште, поставувајќи ограничувачки услови кои се очигледно однапред договорени со својот коалиционен партнер, така што свесно спровел постапка нарушувајќи го начелото на лојална конкуренција, односно со поставените услови го ограничил конкурирањето на потенцијалните купувачи и на тој начин свесно го оштетил буџетот на општина Охрид, како и буџетот на Република Македонија.“ – истакна Шикоски.