29/03/2024
Спорт

Сите клубови од Првата кошаркарска лига-мажи ќе бидат тестирани за Covid-19 во рок од 48 часа

Согласно добиените насоки од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје и предлогот од страна на федерацијата, а кој беше прифатен на заедничкиот состанок од Здружението на Првата лига-мажи, од вчера, нашата федерација започна со тестирањето за вирусот Covid-19.

Тестирањето кое го спроведува мобилна екипа на ПЗУ Клиничка болница „Жан Митрев“ од Скопје, во овие 48 часа, ќе ги опфати сите клубови кои ќе се натпреваруваат во Првата лига-мажи во сезоната 2020/2021, како и официјалните лица (судии) кои се рангирани во првата група на судии кои ќе арбитрираат во најквалитетното кошаркарско натпреварување.

Согласно резултатите кои ќе бидат добиени од страна на стручните медицински лица, а во консултација со Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје ќе биде донесена одлука за почетокот на натпреварите од Првата лига-мажи.