28/03/2024
Македонија

„Школата за млади лидери“ прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година

Сакаме да изградиме млади луѓе со вистински вредности, интегритет и отворен ум, порача претседателот Иванов на свеченото отворање на Светскиот форум на бизнис ангели, кој се одржува во Истанбул, Република Турција.

Во своето обраќање на форумот на кој присуствуваат над 1200 учесници од 70-тина држави, македонскиот претседател говореше за целите и вредностите на Школата за млади лидери, која што е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година, од страна на Светскиот форум на бизнис ангели.

Тој истакна дека целта на Школата за млади лидери е на најталентираните и најуспешните млади од Македонија и од регионот да им се овозможи она што не можат да го добијат во рамките на официјалниот образовен систем.

„Сакаме да изградиме лидери со вистински вредности, интегритет и отворен ум. Само со отворен ум младите ќе можат да размислуваат надвор од шаблоните, да изнаоѓаат нови и иновативни решенија на патот до индивидуалниот и колективниот успех,” рече Иванов, дополнувајќи дека учесниците на Школата имаат можност да се стекнат со интердисциплинарно и апликативно знаење, практични совети, насоки и менторство од врвни светски лидери.

Иванов порача дека Школата за млади лидери е start up училиште за идните општествени лидери на Македонија кои преку вмрежување може да придонесат за позитивни промени во општеството.

wbaf_2„Можеби најважното нешто што сакаме младите да го научат е лекцијата за моралното лидерство. Стана популарно да се вели дека не е важно дали некој политички или бизнис лидер е морален или не, се додека добро ја извршува работата. Способноста, а не карактерот, е она што е важно. Но, прагматизам без морал води кон краткорочни решенија со долгорочно штетни последици. Лидери без морал се дел од проблемот, а не од решението” рече македонскиот претседател.

Иванов откри дека идејата за организирање на ваква Школа ја добил кога како професор благодарение на своите студенти стана претседател на Република Македонија и дека истата финансирана од приватниот сектор е пример за јавно-приватно партнерство кое инвестира во општеството и иднината.

Тој потсети дека на Школата за млади лидери која што е негова лична иницијатива и проект кој се организира под негово покровителство, досега учествувале над 320 млади луѓе од Македонија и од регионот како и над 180 врвни светски предавачи од областа на политиката, бизнисот, иновациите, комуникациите.

Во своето обраќање Иванов зборуваше и за дигиталната трансформација на компаниите, на политиката и на универзитетите, за кои како што рече се дел од незапирлив процес на раѓање на нова парадигма што треба да понуди иновативни и креативни решенија за глобалните предизвици.

Вечерва во рамки Светскиот форум на бизнис ангели, на македонскиот претседател ќе му биде доделена наградата за Светско лидерство, по повод прогласувањето на „Школата за млади лидери”, за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година.

Светскиот форум на бизнис ангели е меѓународна организација која го олеснува пристапот до финансии за малите и средни претпријатија, иноваторите и за стар-ап бизнисите од самиот нивен почеток, со крајна цел креирање работни места и поголема социјална правда. На овој инвестициски форум учествуваат над 120 говорници од 30-тина држави, а присутни се и претставници на голем број светски компании.
wbaf_3