18/04/2024
Македонија

Скопскиот аеродром ја доби ASQ наградата за најдобар аеродром во Европа

Скопскиот аеродром ,,Александар Велики’’ ја доби наградата ASQ (Airport Service Quality) за најдобар аеродром за 2015 година во Европа, во категоријата – аеродроми со помалку од 2 милиона патници, што е трет пат како го добива ова признание од страна на престижната авијациска организација ACI, по добивањето на наградата во истата категорија во 2012 и 2013 година.

Водечката светскa бенчмарк програма на ACI (Airports Council International), која ги анализира услугите кои на патниците им ги нудат аеродромите, ги објави добитниците за квалитет на аеродромските услуги Airport Service Quality (ASQ) вчеравечер во Монтреал, Канада, по обработката на над 550.000 длабински направени анкети на над 300 аеродроми, во повеќе од 80 земји во светот во текот на минатата 2015 година.

Резултатите од 2015 година ги претставуваат најдобрите аеродроми во нивната класа, каде што е забележано подобрување на патничкото искуство токму од страна на патниците кои се анкетираат додека патуваат и додека нивните искуства и впечатоци се свежи.

„Многу сме горди што ја добивме ASQ (Airport Service Quality) наградата за најдобар аеродром во 2015 година во Европа, што е трет пат како го добиваме ова престижно признание, по наградите кои го добивме во 2012 и 2013 година. Ова е потврда на нашата посветеност на патниците и авиокомпаниите, како и на зголемениот број на нови линии и подобрените услуги, за кои сме благодарни за напорите кои ги направија нашите партнерски компании BTA- која оперира со угостителските услуги, ATU- која оперира со бесцаринските продавници, ТAV IT – која ги управува информациско-комуникациските услуги, како и TAV MOS – која менаџира со останатите оперативни услуги. ASQ наградата за квалитет на услугите за 2015 година, ќе нè мотивира, како аеродромски оператор да продолжиме со подобрувањето и иновациите во вкупната понуда на аеродромски услуги,“ изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Покрај скопскиот аеродром како победник за корисничкото задоволство на патниците во Европа, во категоријата на аеродроми под два милиона патници, на другите континенти, победници се аеродромот Апингтон во Африка, Портланд во Северна Америка и Кулиакан во Латинска Америка (Кариби).

„Аеродромите сè повеќе се фокусираат да осигураат ѕвездено искуство за патниците и тоа е дел од еден голем тренд. Аеродромите станаа комплексни, корисничко-фокусирани бизниси кои во многу случаи преку услугите се натпреваруваат еден со друг за поголем сообраќај. Од бесцаринските продавници и рестораните, до амбиентот, чистотата, љубезноста на персоналот, удобностите, ефикасноста и повеќе, патниците очекуваат големи нешта на аеродромите преку кои патуваат. Повеќе од ова, ASQ е начин со кој учесниците – аеродромите мерат до кое ниво тие ги исполнуваат овие очекувања,“ потенцира Ангела Гитенс, генерален директор на ACI World.

Анкетите на ASQ покриваат 34 клучни области на услуги и вклучуваат 8 главни категории, како што се пристапот, чекирањето, безбедноста, аеродромските објекти, храната и пијалоците, малопродажбата и друго. Сите аеродроми кои учествуваат ги користат истите анкетни прашања, создавајќи стандард од прашања и одговори во индустријата, кои им овозможуваат на учесниците (аеродромите) да ги следат и анализираат сопствените перформанси, како и да ги споредуваат резултатите со сите аеродроми на светско ниво.

Свечената церемонија за доделување на ASQ – наградите на најдобрите аеродроми во 2015 година ќе се одржи годинава во април, на регионалното собрание на ACI за азиско-пацифичкиот регион, во Голд коуст, Австралија.

Aerodrom Aleksandar Veliki 02