25/04/2024
Македонија

Случајот „НП Маврово“ останува отворен!

Постојаниот Комитет на Бернската Конвенција за заштита на дивиот растителен и животински свет и природни живеалишта во Европа при Советот на Европа на 37миот состанок побара Владата на РМ итно да ја суспендира изградбата на малите хидроцентрали во НП Маврово.

Во декември 2015 година на 35тиот состанок на Постојаниот Комитет на Бернска Конвенција се усвои Препорака (Recommendation No. 184 (2015)) со која препорача суспендирање на сите владини проекти, особено предвидените хидроенергетски проекти и поврзана инфраструктура, на територија на Националниот парк Маврово се додека не се подготви стратегиска оцена за влијанието врз животната средина, која посебен акцент ќе стави на кумулативните ефекти на сите планирани развојни активности на територија на паркот и финализирање на процесот на репрогласување. Во 2017 година Секретаријатот бара од Владата на РМ да извести за прогресот по однос на препораките усвоени во 2015 година.

Извештајот кој го подготви Владата на РМ не рефлектира прогрес по однос на препораките. Извештајот информира дека: двете хидроцентрали Бошков Мост и Луково Поле не се приоритет на новата Влада, но сепак, Владата нема усвоено одлука за суспендирање на истите. Во однос на малите хидроцентрали Владата тврди дека нема да објавува нови повици за издавање концесии за мали хидроцентрали на територија на НП Маврово. Сепак, Владата не информира дека ќе ги суспендира веќе издадените концесии за хидроелектрични централи на територија на Маврово (и покрај препораката на Постојаниот комитет за суспендирање на сите проекти за хидроелектрични централи).

И покрај тоа сеуште нема информација за суспендирање на ХЕЦ Рибничка, Јадовска и Жировничка I и II, за кои концесиите се одобрени во 2015 но изградбата сеуште не е отпочната. Постојаниот комитет на 37миот состанок побара Владата на РМ итно да ја суспендира изградбата на малите хидроцентрали во НП Маврово.

На територија на НП Маврово, покрај постоечкиот хидросистем Маврово, во период 2010 – 2017 изградени се 4 нови мали хидроцентрали на реките: Тресонечка, Галичка, Какачка и Беличица.

„Во 2017 година мрежата CEE Bankwatch подготви проценка на еколошкиот статус на Тресонечка река која работи од 2013 година. Извештајот јасно покажува дека ХЕЦ Тресонче има сериозно влијание врз екосистемот на реката а со тоа и на самиот парк. Ваков тип на проекти не треба да се градат во рамки на заштитените подрачја, бидејќи веројатноста да се возобнови екосистемот кога режимот на водата е непостојан или кога речните корита се суви е невозможно” – објасни Ана Чоловиќ Лешоска од странката во случајот Еко-свест, член на мрежата CEE Bankwatch.

Во однос на анализата на кумулативниот ефект (стратешката оценка за влијанието врз животната средина) на развојните инфраструктурни проекти врз НП Маврово Владата информира дека прво ќе пристапи кон усвојување на Закон за репрогласување на Маврово за категорија II заштитено

подрачје – национален парк кој беше изготвен во 2015 година од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Истиот беше сериозно критикуван од страна на граѓанските здруженија и меѓународната експертска заедница.

„Нацрт Законот за ре-прогласување на Маврово е спротивен на меѓународните конвенции како и на националниот Закон за заштита на природа. Наместо приоретизација да биде заштита и унапредување на биодиверзитетот во Маврово, законот овозможува изградба на нови хидроцентрали на територија паркот. Ваква забелешка имаше и Меѓународната Унија за Заштита на Природата (официјално консултативно тело на Обединети Нации). Владата на Република Македонија прво треба да го измени нацрт Законот за ре-прогласување на Маврово за национален парк согласно насоките и препораките на Меѓународната Унија за Заштита на Природата и да спроведе широки консултации со јавноста пред било какво понатамошно постапување со истиот.“ – вели Александра Бујароска од Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“.

Дополнително, за време на состанокот, Балканскиот рис беше поставен на списокот на строго заштитени животински видови. Во Македонија, Балканскиот рис е познат како национален симбол. Живее во западниот дел од Македонија, главно на територијата на Националниот парк Маврово и е критично загрозен вид бидејќи се проценува дека неговата популација се состои од околу 30тина возрасни единки. Оваа година Македонското еколошко друштво објави научни податоци со кои докажува дека Националниот парк Маврово е репродуктивно јадро на оваа мала популација, што значи дека рисот успешно се размножува токму тука. Ова уште повеќе ја потенцира потребата од заштита на НП Маврово и соодветно управување.