20/04/2024
Македонија

Снимена првата клапа од видеоомажот за Живко Чинго

Министерката за култура Елизабета Канческа-­Милевска денеска присуствуваше на почетокот на снимањето на документарниот филм „Мајстор Чинго“, кој е своевиден видео­омаж за едно од водечките имиња во современата македонска литература, големиот раскажувач Живко Чинго. Режисер на филмот е македонскиот бард Љубиша Георгиевски, сценарист е Сашо Миленковски, за дизајнот на продукцијата е задолжена Мери Георгиевска, а продуцент на филмот е Петар Ѓуровски. Директор на фотографија е Горан Наумовски, а стручен консултант е проф. д-­р Виолета Ачковска, која е историчар и е во роднинска врска со Чинго.

„Овој проект беше одобрен во Програмата на Кинотеката на Македонија за годинава, кога се одбележуваат и 80 години од раѓањето на големиот раскажувач и еден од најмаркантните ликови во македонското книжевно творештво, Живко Чинго“ – рече Канческа­-Милевска.

Чинго, како што рече министерката, остави длабоки корени во македонската култура и го позиционираше македонското книжевно творештво во светски рамки. Министерката за култура информира дека филмот ќе биде поразличен од документарните филмови кои се снимаат, еден виртуелен разговор на Живко Чинго со нашиот режисер Љубиша Георгиевски.

Филмот ќе биде готов до крајот на годинава. Режисерот Георгиевски рече дека при снимањето на филмот ќе оди немилосрдно, слушајќи го своето срце.

„Јас со Чинго имав многу богата творечка соработка, ја драматизирав неговата „Пасквелија“ и ја режирав во три театри, во Сараево, Риека и Нови Сад“ – рече Георгиевски.

Продуцентот Ѓуровски појасни дека филмот почна да се снима во МНТ, каде што Чинго бил директор, и додаде оти тука е неговата биста.

Филмот ќе се снима и во Велгошти, Скопје, на гробишта…

Бошко Грујоски, директор на Кинотеката на Македонија, потенцираше дека филмот ќе се снима летово и изрази надеж дека при крајот на декември ќе биде прикажан пред публиката. Професорката Ачковска рече дека Живко Чинго бил исклучителен македонски творец и длабоко емотивна личност, која со себе носела голема хуманост. Според неа, импресионира неговото творештво кое има жестока критика кон еден систем на едноумие.