Со „Бела ноќ“ означен почетокот на главната туристичка сезона во Охрид

Со настап на Масимо Савиќ на Антички театар и познатиот Суперстар Dj Tomcraft на Градскиот плоштад, Охрид и официјално го означи почетокот на годинашнава главна туристичка сезона.

Концертот на Савиќ, кој се одржа во организација на Авалон продукција, помина во одлична атмосфера и пред преполн Антички театар. Тој околу два часа будеше емоции кај посетителите и ги исполни скоро сите негови големи хитови.

Концертот на Градскиот плоштад, со бројни измени во однос на најавеното и организацискиот дел, помина во позитивна атмосфера, но со помала бројност на гледачи. Започна околу 19:30 часот, откако претходно на истата бина се одржа охридскиот концерт, како дел од поголемата прослава по повод добивањето покана за пристапни преговори за членство на Македонија во НАТО. На концертот настапи Исмаил Лумановски, а не се одржа настапот на Влатко Лозановски.

Потоа стартуваше предвидената програма во рамките на годинешното издание на „Бела ноќ“. Иако беше најавена бина на брод, сепак програмата се одржа на истата бина. Се претставија неколку локални Дџ-и, за после полноќ да настапи и ѕвездата на вечерта, германскиот Суперстар DJ Tomcraft.