28/03/2024
Македонија

Со формирање на Локалните акциони групи до директен економски бенефит за македонските земјоделци

Денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа завршната конференција од проектот на Република Македонија и Република Словенија за ЛИДЕР Пристапот во Македонија.

ЛИДЕР Пристапот и ефикасното функционирање на Локалните акциони групи ( ЛАГ-ови) за првпат успешно се реализираат во Македонија. Како резултат на соработката со словенечкото министерство денес има 13 регистрирани Локални акциони групи, кои ќе добијат финансиска и институционална поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За оваа намена со Програмата за рурален развој 2018 се предвидени 10 милиони денари. Ваквата финанасиска и институционална поддршка ќе продолжи се до акредитирање на мерката ЛИДЕР преку ИПАРД Програмата.

ЛАГ-овите претставуваат еден облик на јавно приватно партнерство во кое се вклучени самите земјоделци, земјоделските здруженија, бизнис заедницата и локалните самоуправи. На овој начин земјоделците и населението во руралните средини ќе имаат можност директно да ги посочат своите барања и потреби во однос на развивање на руралните средини, и тоа не само од аспект на земјоделството, туку и од апсект на подобрување на руралната инфраструктура, развивање на руралниот туризам и подобрување на животната средина.

Со формирањето на ЛАГ-вите во делот на земјоделството исто така се отвораат бројни можности за брендирање и промоција на македонските автохтони земјоделски производи. Со тоа ќе се зголеми препознатливоста на македонските производи за домашните и странските купувачи, што претставува директен економски бенефит за македонските производители на земјоделски производи.