28/03/2024
Охрид

Со низа активности се одбележува Светскиот ден и Неделата на борба против СИДА

Под мотото „Моето здравје, мое право“ Црвен крст Охрид денес го одбележува 1-ви декември, Светскиот ден на борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА од 1-7 декември 2017 година. Кампањата се фокусира на правото на здравје и ги истражува предизвиците со кои се соочуваат луѓето ширум светот во остварување на нивните права.

„Кампањата која ја правиме по овој повод има за цел да ја подигне јавната свест за овој ден, за луѓето кои живеат со оваа болест, за предизвиците со кои се соочуваат и се разбира да може да се подобри нивното здравје, вклучувајќи го и третманот и грижата за нив. Црвен крст Охрид во текот на оваа недела организира неколку активности, а тоа се предавања со вработените во Клубот на млади на оваа тема, предавања и тестирања во Казнено-поправната установа во Охрид, дистрибуирани се типизирани предавања во средните училишта, каде на часовите се надевам дека ќе бидат скоро сите средношколци запознаени и ќе добијат малку повеќе информации, а исто така нашите волонтери од Клубот на млади во текот на оваа недела ќе делат и флаери со едукативна содржина и кондоми, се разбира и црвените панделки кои што се симбол на овој ден, а ова делење би се одвивало по кафулињата во централното градско подрачје, се со цел подигање на јавната свест за оваа болест.“ – изјави Мимоза Ставрева, секретар на Црвен Крст Охрид.

„Првиот ХИВ позитивен случај во Р.Македонија е регистриран во 1987 година, првиот болен во 1989, а првиот смртен исход во 1990 година. Од почетокот во 1987 година, па се до денес, вкупен број на регистрирани случаи со ХИВ СИДА е 352, од кои што 167 лица се ХИВ позитивни и 185 лица се лица кои што се заболени од СИДА. Од вкупниот број на регистрирани 83 лица се починати, а 269 лица живеат со ХИВ СИДА благодарение на антиретровирусната терапија. Во Охрид првиот ХИВ позитивен случај е регистриран во 1993 година, досега сме имале 5 случаи со ХИВ СИДА, сите 5 случаи се починати, а последното ХИВ позитивно лице кое е регистрирано во 2008 година, после 2 години заболе од СИДА и моментално е починато. Така што последниот случај со ХИВ СИДА во Охрид е тој од 2008 година.“ – изјави д-р Јованка Стурлакова Коровешоска.

WebOhrid