20/04/2024
Македонија

Со „Тишина, на турнеја сме!“ завршува „Танц фест 2018“

Во Македонскиот народен театар, вечерва (23 април) со почеток во 20 часот со претставата „Тишина, на турнеја сме!“ на компанијата „Покемон“ од Франција завршува „Танц фест 2018“. Кореографијата е на уметничкиот директор на компанијата Ријад Фгани, а настапуваат шест ексклузивни танчари.

Компанијата „Покемон“ е една од најатрактивните француски танцови компании, кои ја негуваат синергијата помеѓу современиот танц и хип-хопот.

Во најавата на „Танц фест“ се вели дека „Тишина на турнеја сме!“ изобилува со несекојдневна експресија, извонредни тела кои се движат по сцената на експресивен начин, со цел да доловат атмосфера на живеење од 30 години на 20 век, во кои танцот има своја улога.

Претставата е омаж на развојот на киното во 30-тите години на 20 век и неговата уметничка експресија, на сцената се случува синергија на хип хоп движења, музикалните комедии на тоа време и современиот танц. Компанијата потекнува од градот Лијон, каде во 19 век браќата Лимие го измислуваат киното. Црно-белиот филм е подлога за коларативен танц, низ музички ритмови кои варираат, како трибут на киното и модерното време и потрага по нови димензии.

Компанијата „Cie Pockemon Crew“ е основана во 1997 година. Уметничкиот директор Ријад Фгани е член на компанијата од нејзиното основање, а уметничкото водство го презема во 2004 година. Во 2007 година компанијата го освојува првото место на КБ шампионатот во Кореа.

Фгани, како уметнички директор развива посебен стил, синергија на танц од различни стилови и артисити, како современи танчери, балерини, циркуски изведувачи, мимичари и актери. Тој прифаќа во 2005 година нови генерации на брејк данс изведувачи, со кои развива сопствен метод на работа. Во 2003 година, компанијата започнува соработка и со Националната опера на Лион, која трае до денес.

Фестивалот „Танц фест“ е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје, а оваа претстава ќе се реализира и со поддршка на Францускиот институт во Македонија и Охридска банка.