18/04/2024
Охрид

Соопштение за наплата на влезот во НП Галичица и посетеноста

„Деновиве сме сведоци на зголемена посетеност на Охрид и регионот од страна на многубројни домашни и многу ретки странски туристи.

Имајќи предвид дека дел од домашните туристи и посетители на Паркот негодуваат за наплатата на влезница во НП Галичица, при што постираат различни искуства од наплатните места на влезовите на Галичица, сметаме дека е корисно за јавноста да ја информираме за начинот на наплата на влезниците, нивната висина, начинот на користење на овие генерирани средства и фактичката вистина, која за жал во некои од постовите е занемарена и ситуацијата е погрешно претставена.

Во прилог Ви испраќаме кратко соопштение во кое вклучуваме информации за тоа врз основа на кои закони и кој Ценовник се врши наплатата на влезниците. Исто така даваме и краток осврт на информациите за посетеноста на паркот и активностите кои установата ги презеде во услови на Ковид 19 пандемијата за ревитализација, обновување на инфраструктура итн., се со цел подобрување на туристичкото искуство на посетителите, заштита на животната средина и зголемена безбедност.“ – информираат од НП Галичица.

Соопштение за наплата на влез на НП Галичица и посетеност:

Согласно член 136 став 1 од Законот за заштита на природата, заради вршење на работите на управување и заштита на Паркот, Владата на Република Северна Македонија основа јавна установа – Национален парк. Согласно Одлуката на Владата на Република Северна Македонија за основање на ЈУНПГ, основната дејност на установата е управување и заштита на природата, биолошката и пределската разновидност и природното наследство преку повеќе активности наведени во Законот меѓу кои се и:

1. заштита на природните живеалишта од национално и меѓународно значење за културни, научни, воспитно-образовни и туристичко-рекреативни цели;

2. одржливо користење на природно богатство во интерес на сегашниот и идниот развој, без значително оштетување на деловите на природата и со што помали нарушувања на природната рамнотежа;

3. вршење и други работи кои придонесуваат за заштита и унапредување на националниот парк.

Според IUCN, „финансиската одржливост на заштитените подрачја може да се дефинира како способност да се обезбедат соодветни, постојани и долгорочни извори на финансирање и истите да се насочат благовремено и на соодветен начин, така да целосно се покријат вкупните трошоци за заштитените подрачја и да се обезбеди ефективно и ефикасно управување на заштитените подрачја во поглед на зачувувањето и другите цели“.

Од прогласувањето, па се до денес, обезбедувањето на одржливо финансирање на зачувување на Паркот, во целост било одговорност на ЈУНПГ, а во минатото на други видови организации кои биле одговорни за управување со паркот, а се претходници на ЈУНПГ. Во минатото, во повеќе наврати правени се напори да се обезбеди финансирање од повеќе извори, но за жал, приходите од продажба на огревно дрво се покажувале како најстабилни. Учеството на овој извор на приход во вкупниот буџет на установата се движеше од 80 до 90%, а сега истиот е драстично намален.

Бидејќи директното користење на природните ресурси е најболниот начин за одржливо финансирање на еден Национален Парк, а во согласност со член 141-а, од ЗЗП, ЈУНПГ се финансира и од:

надоместок за влез и посета на Паркот;

надоместок за паркирање во Паркот;

надоместок за посета на посебни објекти во Паркот;

надоместок за престој во Паркот;

други извори (донации, грантови, кредити, подароци, легати и друго).

Согласно законските одредби и потребата од зголемување на финансирањето од туристички активности, наместо од директно користење на природните ресурси, ЈУНПГ во соработка со другите Национални паркови и комптентните министерства подготви Ценовник врз основа на кој се дефинирани цените кои секој посетител е должен да ги плати за посета на Паркот. Посетата не ја наплаќаме заради искористување на ресурси, туку заради искористување на екосистемските услуги (во случајов прекрасните пределски вредности, високиот степен на биодиверзитет, природните карактеристики и места итн) во кои секој посетител ужива додека поминува преку Галичица или ја посетува. Ценовникот е усвоен и одобрен од страна на Владата на Република Северна Македонија.

Во таа смисла, согласно Ценовникот усвоен од Владата на Република Северна Македонија, влез во НПГ се наплаќа за сите лица постари од 7 години – 30 денари, посебна наплата се врши за превозни средства автомобил или моторцикл – 50 денари, а надоместоците за наплата на влез во Националниот парк Галичица за посебни објекти и активности вклучуваат, меѓу другото и наплата за посета на Стара Галичица Врв Магаро движење по патека – 200 денари.

Оваа убавина која не е само за оваа генерација и не е наша (на установата), туку припаѓа на целата јавност, мора да се заштитува и да се управува во услови кога ЈУНПГ изнаоѓа начини за самофинансирање. Почнувајќи од 2018 година, па наваму ЈУНПГ го намалуваше директното користење на природните ресурси (производство на огревно дрво), а од 2020 година и целосно го прекина. 2020 година е, за жал специфична година во однос на ширењето на пандемијата Ковид 19 и сите рестирикции и ограничувања со кои се соочивме ние, но и целиот свет. Тоа, несомнено доведе и до намалување на приходите од туристички активности, како што е наплата на влезници. Намалувањето според нашите пресметки се движи од 70 до 75% во споредба со лани, но и покрај тоа ЈУНПГ остана доследна на одлуката да не се занимава со производство на огревно дрво и директно користење на природните ресурси – што секако е поздравено од сите релевантни актери на национално и меѓународно ниво.

И на крај, би сакал да истакнам дека овие средства кои се генерираат од наплатата на влезници се користат исклучиво за потребите за управувањето на Паркот. За илустрација би сакал да истакнам дека ние, како установа, и покрај намалениот приход од туризам оваа година, во текот на истата успеавме да го ревитализираме системот на патеки (пешачки и велосипедски) во вкупна должина од околу 200 километри со замена на Информативните табли и во моментов замена на патоказите.Тоа секако помага за подобрено искуство на секој посетител на Паркот, но и зголемена безбедност на посетителите. Исто така, се грижиме и инвестираме во чистење и одржување на патот кој води преку Галичица, согласно нашите надлежности – исто така со средства генерирани од туристички активности. Ги реновиравме излетничките места и местата за кампување, но и редовно се грижиме за состојбата во Паркот преку ангажирање на чувари на паркот кои се задолжени да интервенираат и да ја следат состојбата во поглед на непосредна заштита од незаконски дејства (сеча, узурпација, недозволено движење во одредени зони итн). Сите овие активности се финансирани со средства генерирани од платените влезници и донации.