28/03/2024
Охрид

Сопствениците и капетаните на бродови строго да се придржуваат кон мерките за заштита од Ковид-19

Со цел доследно почитување на одлуките и протоколите за работа на пловните објекти и примена на безбедносно-здравствените мерки за заштита на граѓаните од Ковид-19, во СВР Охрид вчера се одржа работна средба со сопственици и капетани на бродови во Охрид, на која присуствуваа и претставници на Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ – Регионален центар Запад, претставници на Капетанија на пристаништа – Охрид и на Државниот пазарен инспекторат.

На сопствениците и капетаните на бродови посебно им беше укажана неопходноста од строго придржување до забраната за групирање на лица, носење на заштитни средства и користење на дезинфекциони средства во пловните објекти кои се прикотвени на пристаништето или се во движење во водите на Охридското Езеро. Претставници од Одделението за превенција укажаа и на потребата од воведување на редарска служба што ќе се грижи за безбедноста при влез и за време на престојот на патници во бродот, како и редовно информирање преку разглас на патниците за неопходноста од придржување до препораките за носење на заштитна маска и држење на растојание за време на пловидбата.

На бродарите им беа презентирани протоколите за работа во делот за работа на угостителска дејност, со посебен акцент за гласна музика и им беше укажано за неопходната примена на мерките за безбедна пловидба и на другите одредби од Законот за внатрешна пловидба.

Претставниците на СВР Охрид и на другите надлежни институции најавија континуирани контроли на сите пловни објекти кои се прикотвени или пловат по Охридското Езеро.