25/04/2024
Македонија

Состанок на министрите за внатрешни работи во рамки на Берлинскиот процес

Министрите  за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Бугарија, Оливер Спасовски и Христо Терзијски денеска (16.10.2020) заеднички сопретседаваа  со Состанокот на министрите за внатрешни работи во рамки на Берлинскиот процес „Национална, прекугранична и безбедност на луѓето во време на пандемија: стратегија, координација и синергија помеѓу ЕУ и Западен Балкан“ преку видеоконференција во организација на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија. Во продолжение ја објавуваме заедничката изјава на министрите Спасовски и Терзијски.

Во голема мера ја цениме можноста двете земји заеднички да сопретседаваат со Берлинскиот процес во 2020 година и ефикасно да придонесат кон регионалната безбедност, отворено да разговараат за теми од голема важност и да бараат практични решенија.Европската Унија и регионот на Западен Балкан ги делат истите вредности и принципи. И ние се соочуваме со исти предизвици во борбата против организираниот и сериозен криминал, борбата против тероризам, управувањето со миграциите, заштитата на границите, борбата против корупцијата, итн.

Оттаму, нашата соработка се заснова на заемна доверба и почит, како и континуитет и повисока регионална заложба за сите релевантни чинители.

За Бугарија, сопретседавањето со Берлинскиот процес претставува вообичаено продолжување и надградба на амбициозната цел на Првото бугарско претседателство со Советот на ЕУ во 2018 година да се стави посебен фокус на добрососедските односи  со земјите од Западен Балкан, како и нивната европска перспектива.

За Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, сопретседавањето со Берлинскиот процес претставува одлична можност за промовирање на безбедносната агенда во портфолиото активности на Берлинскиот процес, особено од аспект на унапредување на областите на соработка веќе утврдени од страна на Управната група за преземени обврски од областа на безбедност со што значително би се ефектуирала соработката помеѓу партнерите на Берлинскиот процес, а особено помеѓу партнерите од Западен Балкан.

По дискусиите на денешната средба, министрите од сите земји учеснички во Берлински процес се согласија дополнително да ја зајакнат својата соработка главно како дел од својата безбедносна агенда, но поспецифично на:

– преговарање за и потпишување на Регионална спогодба за слободно движење со лични карти во земјите од Западен Балкан. Отстранувањето на пречките за движење на луѓето во регионот, како и континуираниот проток на стока, услуги и капитал и понатаму е клучен предуслов за одржливоста на идната социо-економска агенда на регионот.

– подобрени механизми за координација и соработка на полициските гранични служби во контекст на пандемијата со КОВИД-19Предизвицитешто се појавија поради пандемијата со КОВИД-19 имаат сериозни последици на социо-економскиот развој како резултат на засилената контрола на границите, воведувањето времени ограничувања, како и мерките преземени на национално, регионално и на ниво на ЕУ со цел спречување на ширењето на пандемијата. Потребен е покоординиран пристап помеѓу земјите за целосно надминување на последиците од КОВИД-19, како и обезбедување ефикасно управување со сите предизвици во областа на граничната заштита и миграциите.

– зајакнување на  улогата на Управната група за преземени обврски за безбедност во спроведувањето на постојните и идните безбедносни обврски на земјите од Западен Балкан.

Дискусиите  од  денешниот состанок со кој  сопретседаваа министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и на Република Бугарија во рамки на Берлински процес беа многу конструктивни и корисни. Тие не само што ја покажуваат нашата цврста заложба за регионална безбедност, туку претставуваат и јасен знак за постоење свесност за потребата за зајакната стабилност во регионот на Западен Балкан.

Веруваме дека претстојниот Самит на шефови на држави и влади во рамки на Берлински процес закажан во Софија на 10 ноември 2020 година ќе ја обезбеди неопходната поддршка на највисоко политичко ниво за спроведување на нашите приоритети и продолжување на нашата соработка во иднина.