16/04/2024
Охрид

Шпански танци со усна хармоника и пијано вечерва на „Охридско лето“

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на шпанските уметници Антонио Серано и Констанца Лехнер.

Виртуозот на усна хармоника Серано заедно со пијанистката Лехнер во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот  ќе изведат шпански танци од познатите композитори Мануел де Фаља, Енрике Гранадос, Пабло де Сарасате, како и композиции од Франциско Тарега, Астор Пјацола и Карлос Густавино.

Антонио Серано своето образование го стекнува под менторство на прочуениот Лари Адлер. Неговите импресивни технички способности на хроматска усна хармоника, му овозможиле да истражува различни музички стилови, па така, неговиот репертоар се состои од дела од класичната музика, па сè до дела од џез, танго и фламенго музиката. Благодарение на тоа, Серано станува еден од најважните импровизатори на својата генерација. Големата популарност му овозможува да соработува со некои од најзначајните шпански музичари, вклучувајќи го и познатиот гитарист Пако де Лусија. Покрај тоа, настапувал и со повеќе симфониски оркестри во светот, а снимал музика и за некои од филмовите на познатиот светски режисер Педро Алмодовар. Неговата дискографска збирка брои дури 11 сопствени носачи на звук.

Пијанистката Констанца Лехнер првиот контакт со овој инструмент го има уште на двегодишна возраст. Студиите ги завршува на конзерваториумот „Сан Лоренцо дел Ескориал“, а паралелно студира и чембало, стара музика, модерен клавир и џез на „Школата за креативна музика“ во Мадрид. Ваквиот сестран пристап кон музиката и овозможил соработка со најразлични симфониски оркестри и изведувачи од Шпанија и светот. Покрај музичките сцени во родната земја, Лехнер досега има настапувано и во Франција, Грција, Јордан, Швајцарија, САД, Канада, Турција, Кипар, Бахреин, Оман и Германија. Во 2015 година го снима компакт дискот „Infancia“ со цел да им ја доближи на децата музиката на големите светски композитори.