26/04/2024
Охрид

Спасовски: Ги подобруваме условите за работа на полициските службеници

„Македонскиот полициски синдикат во годините наназад се етаблираше како реална синдикална сила која што претставува кредибилен партнер во сите наши напори за квалитетно и ефикасно функционирање и реформирање на Mинистерството за внатрешни работи“, рече министерот Оливер Спасовски во обраќањето на централниот совет на Македонскиот полициски синдикат што се одржува во Охрид.

„Во изминативе година и половина, јас и актуелното раководство на министерството презедовме не само обврски, туку и низа конкретни активности за генерално подобрување на статусот, на материјално-техничките и инфраструктурни услови за работа на полициските службеници. Подобрувањето на статусот и условите на работа, сфатени и како загарантирани права на полициските службеници се наш заеднички интерес, оти логиката е едноставна – само задоволен полициски службеник е ефикасен и професионален полициски службеник. Оттаму, реализираните активности за набавка на униформи за полициските службеници, проектот за санација и реконструкција на објектите во кои што тие работат и ги извршуваат своите работни задачи, кој што патем речено ќе продолжи и во наредната 2019-та година, зголемувањето на платите на униформираните полициски службници, ние ги разбираме само како дел од базичните предуслови кои што треба да не донесат до посакуваната цел – професионална, функционална и ефикасна полиција како сервис на граѓаните“, рече Спасовски.

За наредната 2019 година предвидени се нови 70 милиони денари за реновирање на полициските станици, а за набавка на нови униформи нови околу 200 милиони денари. Во новата година предвидено е и зголемување на платите за пет проценти.

„Пред нас се уште многу активности, пред се во поглед на натамошна стандардизација и надградување на полициското работење и полициската професија. И во поглед на професионалниот интегритет, на професионалната стручност и знаења, на целосно операционализирање на законитоста и законите како алфа и омега на полициското работење. Значи, се стремиме кон цели што треба повторно да и ја вратат улогата и местото на полицијата во едно модерно, демократско и слободно општество, да го вратат нејзиното реноме и достоинство. Уште еднаш ќе ја искористам оваа прилика и ќе го повторам нашиот јасен став дека јас и актуелното раководство на министерството остануваме отворени и недвосмислено заинтересирани за тесна и искрена соработка со вас, убеден дека споделуваме заедничка цел – професионална и подготвена институција во која што ќе работат задоволни, стручни и амбициозни професионалци. Се разбира, пред Министерството за внатрешни работи како и пред македонскиот полициски синдикат и натаму стојат крупни и сериозни предизвици со кои треба и мора во наредниот период да се соочиме, притоа со убеденост дека заедно можеме да дадеме и тоа како важен придонес не само во унапредување на работничките права, туку и во севкупно унапредување на нашата институција“, рече министерот Спасовски.