25/04/2024
Македонија

Спасовски: Исчезнаа огласите за групни прослави за Нова Година, за Водици ќе се договориме со верските лидери

Веќе започнавме во секторот за превенција активно да работиме деновиве и проверуваме кој кому издава викендици, куќи, локали… Се согласувам дека не постои забрана да издадете викендица, но на едно семејство, на четири, пет, шест лица, тоа не е проблем, но проблем е дека издаваат за 20, 30, па и 40 луѓе. И сега драстично е намален бројот на огласите откако започнавме со апели и проверки. Ние имаме посбен оперативен план за ноќта на 31 декември, како и за утредента на први јануари. Затоа апелирам ако некој директно го загрозува здравјето на граѓаните ќе мора да си сноси одговорност.“ изјави министерот Оливер Спасовски, во Студио 10, на телевизија 24 и апелираше за совесно прославување, без големи групирања и загрозување на јавното здравје. 

Министерот нагласи дека полициското присуство секогаш било засилено околу Нова Година и другите празници во текот на јануари  затоа што е важно да се одржи јавниот ред и мир. 

„Имаме сериозни планови за покривање на теренот. Секоја година опаѓа трендот на нарушување на јавниот ред и мир, лани особено имавме мал број на пријави и инциденти. Ова е момент да празнуваме дома и затоа очекувам дека и годинава се ќе биде во најдобар ред. Што се однесува до верските празници кои следуваат, ние ќе се обидеме да разговараме со верските заедници, со Комисијата за односи меѓу верските заедници, но и да одржиме состанок во Влада ако има потреба. На крајот мораме да донесеме решение кое нема да го загрози здравјето на луѓето.“– истакна Спасовски.