Спектакуларен почеток на „Охридско лето“ – Ванеса Меј ги обедини сите генерации

Со спектакуларен концерт на светски познатата виолинистка, Британката Ванеса Меј синоќа во преполниот Антички театар беше отворено 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.

Прогласувајќи го за отворен, претседателот на Република Северна Македонија и покровител на фестивалот, Стево Пендаровски, истакна дека во наредните 40 дена ќе бидеме граѓани на уште една заедничка татковина во која, како што рече, има место за секого, и за ранливите, и за исклучените и за обесправените , и во која се зборува на универзален јазик. Таа татковина, подвлече претседателот, е уметноста, која постои од почетокот на човештвото и нејзините граници се исцртани од човековата креативност.

„Музиката на Ванеса е гласно сведоштво дека наместо да се исклучуваат, различните културни влијанија можат да се надополнуваат создавајќи поголема вредност. И можеби токму затоа, нејзината музика помирува и поврзува милиони луѓе од разни нации и генерации,“ –  рече претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски.

Претседателот Пендаровски нагласи дека уметноста треба да не’ инспирира на храбри потфати.

„Да развиваме култура што ќе го отсликува богатството на нашите различни традиции, тука, во Северна Македонија. Да негуваме длабока почит и одговорност за природата што ни е доверена на чување. Ова особено се однесува на незаменливото природно и културно наследство на регионот на Охридското Езеро. Мора да направиме сè што е во нашата моќ да го зачуваме статусот на Охрид како град на УНЕСКО. Да правиме простор за другите во самите нас и да се стремиме кон вистинско граѓанско помирување преку правда и простување. Градејќи едно општество за сите, да се сетиме дека ние си припаѓаме едни на други и заедно му припаѓаме на поширокиот европски културен и цивилизациски простор,“ – порача претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, прогласувајќи за отворено го 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.

Министерот за култура на Република Северна Македонија Хусни Исмаили во своето обраќање рече дека фестивалот „Охридско лето“ е најголемиот амбасадор на културата во нашата држава.

„И годинава еве нѐ овде во грандиозниот Антички театар каде што и пред два милениума се ширела уметноста. Денешните уметници исправени пред нови предизвици на современото време, гордо ги продолжуваат традициите, ги кршат табуата, ги надминуваат предрасудите, и на најуниверзалниот јазик на човештвото извикуваат – „уметноста е слобода“.„Охридско лето“, како најголем амбасадор на културата и уметноста на Северна Македонија во светот, покрај афирмацијата на светските вредности, дава силна поддршка и на домашната сцена која со секоја своја изведба потврдува дека е дел од европската перспектива на земјава и најсилното оружје кое лесно ги дофаќа европските височини,“ – истакна министерот Исмаили.

Уметничката порака на фестивалот „Охридско лето“ годинава ја испрати театарскиот и филмски режисер Александар Поповски кој своето обраќање го посвети и на неодамна починатиот драмски писател Горан Стефановски кој веќе е вграден во фестивалската историја.

„Не се живее вака. Милиони живеат во бункери. Sиркаат надвор низ нишан од снајпер. Нема живот ако човек мисли дека сите се против него. Дека светот е една голема завера. Во светот има и љубов и добрина и чесни луѓе. Ние мислиме дека ни е тешко. На сиот Свет му е тешко. На сите нешто им недостасува. Сите се чувствуваат опколени од непријатели.Југот не го сака север, исток – запад, Европа не ја сака Америка, Ирска -Англија, Прилепчани не се мирисаат со Битолчани, во ист град не се поднесуваат две маала, во едно маало- две згради, во една зграда закрвени се два влеза, во еден влез – два стана, во еден стан-две фамилии, во една фамилија двајца луѓе, а и тие двајцата се мрзат сами себе. Каде води тоа? Ако е така, нема спас. А без спас, нема живот. А без живот…нема ништо. Има смрт,“ – рече Поповски.

Пред преполниот Антички театар, уметницата од светски калибар ја покажа својата виртуозност и оригинален пристап на свирење на виолина приреди фузија од класика со џез и електроника, притоа, доближувајќи ја класичната музика до пошироката публика. На свеченото отворање присусуствуваа претставници од државниот врв во земјава, министри, пратеници, амбасадори, како и огромен број домашна и публика од странство.

This slideshow requires JavaScript.