13/07/2024
Спорт

Сплит поуспешен од АВ Охрид

Осум натпревари – осум порази за АВ Охрид во АБА 2 лигата. Денес во Сплит, „Галебите“ беа рамноправен противник само во првата четвртина. Сплит беше поуспешен од АВ Охрид и го доби натпреварот со 92:73 (19:19, 25:18, 27:19, 21:17). 

„Се мачевме во првиот дел, а предноста ја направивме дури во третата четвртина. Бевме премеки и неагресивни, промашивме многу зицери. Тоа мораме да го поправиме во иднива“ – изјави Ивица Скелин, тренер на Сплит.

„Сплит беше поквалитетен тим и заслужено славеше. Останавме без тројца играчи и со ваков ростер не можам да им замерам на играчите. Одиграа добро. Рак-рана е нашиот шут за три поени, имавме 2 од 13. Тоа постојано ни се случува и тука треба да бараме решение. Во останатите статистички податоци тука сме некаде. Млади сме, одиме напред. Главите горе.“ – изјави Петар Чочороски, тренер на АВ Охрид.

„Не беше лесно. Влеговме без ритам и успорено. Не бевме агресивни во одбраната, а топката во нападот одеше слабо. Кога ги подобривме тие работи, дојдовме до поголема предност и победивме, а тоа е најважно, иако можевме и подобро да одиграме.“ – изјави Филип Најев, играч на Сплит.

„Го дадовме максимумот, иако сме ослабени со неиграњето на тројца важни играчи. Млада екипа сме и ова е големо искуство за нас. Ќе се обидеме да дојдеме до некоја победа.“ – изјави Антонио Донески, играч на АВ Охрид.

Следниот натпревар во АБА 2 лигата АВ Охрид ќе го игра против Босна Ројал, на 13-ти декември, во Спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид.

WebOhrid