24/04/2024
Македонија

Спроведен Попис според сите европски статистички стандарди

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, заедно со првиот заменик-претседател на Владата Артан Груби, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, заменик-претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, министрите во Владата, за надворешни работи Бујар Османи, за внатрешни работи Оливер Спасовски, за правда Никола Тупанчевски, за образование и наука Јетон Шаќири, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски,  за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, заменик-министерот за одбрана Башким Хасани и за здравство Владимир Рендевски, денеска присуствуваа на свеченоста на која беа презентирани резултатите од Пописот 2021.

За резултатите, како и за придобивките од новата методологија, пред гостите, меѓу кои и имаше претставници на агенции, институции и организации, како и делегации на статистичките заводи и институти од земјите од регионот и претставници на дипломатскиот кор во Северна Македонија, говореа директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, заменик директорот на ДЗС Илми Селами и експертот за обработка на податоците Данило Доленц од Словенија. 

Пописот на населението, домаќинствата и становите, што беше спроведен во периодот од 5 септември до 30 септември минатата годинa, како што беше речено на свеченоста,  по речиси 20 години е успешно реализиран и дава релевантни информации за реалната состојба на населението, со што на државата и се овозможува да креира политики од интерес на граѓаните и бизнисот. Податоците од Пописот беа оценети како сигурни, веродостојни, валидни и корисни за планирање политики.

Сите податоци од пописот се поставени на веб страницата на ДЗС и во наредниот период ќе се објавуваат сукцесивно по сетови податоци.