17/04/2024
Македонија

Средба на американски конгресмени со министерката Шекеринска

Заменичката на Претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска имаше средба со група американски конгресмени предводени од конгресменот од Тексас, Бил Флорис.

На средбата беа потврдени одличните партнерски релации меѓу двете земји како и поддршката на САД во контекст на реформите кои ги презема Владата на РМ. Беше упатена честитка за добивањето на покана за почеток на пристапни преговори за НАТО и истакната поддршката на САД во овој контекст.

Министерката Шекеринска рече дека Македонија се гордее со стратешкото партнерство со САД и ја цени поддршката за интеграцијата во ЕУ и НАТО, а посетата на конгресмените од САД е уште еден доказ за оваа поддршка.

– За нашите граѓани нема алтернатива освен интегрирањето на земјата во ЕУ и НАТО – над 75% ги поддржуваат ЕУ и НАТО интеграциите. Членството во НАТО и ЕУ ќе ги стимулира инвестициите, трговијата, пристапот до поширок заеднички ЕУ пазар, ќе ја зголеми мобилноста на луѓето, добрата и капиталот, ќе ни помогне да креираме повеќе работни места и да ги задржиме младите во својата татковина. Инвестициите во Црна Гора по зачленувањето во НАТО се зголемија двојно во првата половина од 2018, во споредба сo истиот период претходна година, и тоа охрабрува – рече министерката.

Таа ги информираше конгресмените за реформите во одбраната, донесувањето на клучниот документ СОП, зголемувањето на буџетот, зајакнувањето на учеството на АРМ во мисиите на НАТО, но и за реформите во општеството – во контекст на владеењето на правото, слободата на медиумите, реформите во судството, борбата со корупцијата, подобрувањето на меѓусоседските и интеретничките односи, регионалната соработка, воведувањето на транспарентноста во работењето на владата.

– Поканата за НАТО е неверојатен успех за Македонија, ако се знае дека само една година претходно беше  заробена држава. На стартот сме на пристапните разговори со НАТО и по успешниот исход од референдумот на 30 септември нашата интеграција во Алијансата е обезбедена. Македонија е голема надеж за Балканот и може да биде позитивен пример кој ќе охрабри дека со удвојување на реформите и надминување на отворените прашања навистина се напредува. Сигурната НАТО и ЕУ иднина ќе ја зајакне стабилноста на Балканот – рече Шекеринска.

Групата конгресмени кои денеска го посетија МО ја сочинуваа и конгресмените Дејвид Прајс, Сузан Дејвис, Дина Титус и Џери Коноли.

На средбата присуствуваа и заменикот Началник на ГШ на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин, амбасадорот на САД во РМ, Џес Бејли и одбранбеното аташе на САД во РМ, полковник Тимоти Бјукен.