24/04/2024
Македонија

Средба на државниот секретар Николиќ со германски експертски тим за инфраструктура

Денеска во просториите на Министерството за одбрана, државниот секретар Драган Николиќ оствари средба со експертски тим од Сојузна Република Германија, кој престојува во возвратна посета на Министерството за одбрана на Република Македонија. Целта на посетата е разгледување на капацитетите за обука на АРМ и согледување на можностите за поддршка и асистенција за унапредување на центрите за обука.

Николиќ во разговор со претставниците на делегацијата од Германија изрази благодарност за досегашната поддршка за членство во НАТО и ЕУ и истакна дека изминатата година Министерството континуирано работеше на подобрување и усовршување на условите на капацитетите со кои располага и дека така ќе се продолжи и во иднина. Тој додаде дека од почетокот на 2018.година, буџетот на Министерството за одбрана е зголемен за околу 15% и со Одлука на Владата на РМ, буџетот на одбраната ќе се зголемува сукцесивно за 0.2 процентни поени од БДП секоја година до исполнување на 2% од БДП во наредниот период. Николиќ истакна дека Министерството за одбрана интензивно работи на реформските процеси во контекст на исполнување на стратешката цел на РМ, полноправно членство во НАТО и во тој контекст во завршна фаза е изработка на документот, Стратегиски одбранбен преглед. Паралелно со овој документ, Министерството за одбрана работи и на вториот документ, Стратегијата за одбрана.

Во однос на капацитетите со кои располага МО и АРМ, Николиќ стави посебен акцент на развивање на армискиот полигон Криволак за чии капацитети постои заинтересираност и од голем број НАТО партнерски земји.

Претставниците од СР Германија изразија благодарност за посетата на АП Криволак и воедно ја претставија можноста за посета на Центарот за обука во Магдебург од страна на претставниците на АРМ, како пример за развој на АП Криволак.

Германската делегацијата во рамки на својата посета ќе се запознае и со капацитетите на Командата за обука и доктрини на АРМ во Велес, АП Криволак и Центарот за обука на води во Охрид.

Оваа активност се реализира согласно Програмата за билатерална соработка со СР Германија за 2018. година.