Средба на министерот Адеми со потпретседателката на Совет на Град Гетеборг, Лена Малм во Кралството Шведска

Денес во Гетеборг, министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, оствари средба со претседателката на Совет на Град Гетеборг, Лена Малм.

На средбата министерот Адеми ја запозна г-ѓа Малм со неговите активности во изминативе десетина месеци, при што ја истакна посветеноста во институционалното поврзување на дијаспората со државата.

Дополнително, министерот Адеми истакна дека дијаспората има значаен удел во економските активности во државата и од тие причини, Владата на Република Македонија работи на Национална стратегија за соработка со дијаспората, која покрај економската соработка, ја акцентира потребата и од политичка, културна и образовна соработка.

Г-ѓа Малм изрази благодарност за посетата и притоа го истакна фактот дека граѓаните по потекло од Република Македонија кои живеат и работат во Гетеборг се важен дел од шведското општество, истакнувајќи ја нивната интегрираност во сите процеси во Шведска.

На крајот од денешната средба, се констатираше дека дијаспората претставува мост за поврзување меѓу двете пријателски држави, и дека истата има важна улога во развојот на односите и соработката во повеќе области од взаемен интерес.