19/04/2024
Македонија

Средба на МНР Димитров со комесарот за човекови права на Советот на Европа Мужниекс

Денеска министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров оствари средба со комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нил Мужниекс, кој е во повеќедневна посета на Република Македонија.

На средбата двајцата соговорници разменија мислења за текот на започнатите реформи во однос на состојбата со човековите права и слободи во Република Македонија, согласно владината програма и планот 3-6-9. Беше дискутирана и состојбата на планот на меѓу-етнички односи, инклузивноста и социјалната кохезија во македонското општество. Посебен акцент беше ставен на обврските на нашата држава кои произлегуваат од меѓународните инструменти за човековите права. Во тој контекст беше поздравена неодамнешната ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство (Истанбулска Конвенција).

Заеднички беше оценето дека исполнувањето на стандардите на Советот на Европа во поглед на владеењето на правото, демократијата и човековите права е од особено значење за побрзото интегрирање Република Македонија во европските и евро–атлантските институиции.