28/03/2024
Македонија

Средба на МНР Димитров со помошникот Генсек на ОН за политички прашања, Мирослав Јенча

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, г-дин Никола Димитров денес оствари средба со помошникот генерален секретар на ОН за политички прашања, г-дин Мирослав Јенча.

На средбата беа разменети мислења за надворешната политика на Република Македонија со соседните држави, како и за напредокот во имплементацијата на реформската агенда на македонската влада.

ND20180306OA 4139

Министерот Димитров ги презентираше актуелните чекори на Република Македонија во однос на унапредување на добрососедската политика, кои конкретен израз добија и преку Договорот за добрососедство со Република Бугарија, како и конструктивното реактивирање на разговорите со Грција за надминување на разликата околу името. Исто така, Министерот потенцираше дека Република Македонија длабоко го цени ангажманот на личниот претставник на Генсек на ОН, г-дин Метју Нимиц во рамки на тој процес. МНР Димитров, воедно извести за актуелните иницијативи и реформи на македонската влада на домашен план.

ND20180306OA 4147

Помошникот генерален секретар на ОН за политички прашања, г-дин Мирослав Јенча, изрази задоволство од позитивниот развој во добрососедската политика, како и од реалните резултати на владината програма 3-6-9, во приоритетните фокусни области. Додаде дека ОН, како глобален авторитет на меѓународната сцена, а и во контекст на конкретниот мандат што го имаат за тоа прашање, со должно внимание и сериозни заложби го третира прашањето за надминување на разликата  околу името.

ND20180306OA 4151

На средбата, соговорниците разменија мислења и за актуелните клучни прашања во рамките на ОН, постигнувањето на целите на агендата 2030, реформирањето на организацијата, и важноста на мултилатералното делување во справувањето со глобалните предизвици.

ND20180306OA 4156