28/03/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со британската амбасадорка Галовеј

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Рејчел Галовеј, амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

Амбасадорката Галовеј му честиташе на Премиерот Заев за потпишувањето на Протоколот за пристапување на Република Македонија во НАТО. Таа истакна дека интеграцијата на Република Македонија во НАТО е голема победа за државата бидејќи отвора перспективи за видливи економски придобивки. Обединетото Кралство планира во скоро време да ги почне процедурите за ратификација на Протоколот за членство на Република Македонија во НАТО. Исто така, таа ја охрабри земјата да продолжи со фокусот на реформскиот процес, што носи резултати за квалитетот на живот на граѓаните.

Премиерот Заев соопшти дека е во тек заокружувањето на безбедносните реформи, дека до крајот на февруари се очекува во Парламентот да бидат изгласани со консензус измените на законите што се однесуваат на реформите во правосудниот систем, дека се во тек реформите за професионализација на јавната администрација, како и за избор на нови, политички независни членови на Антикорупциската комисија.

„Членството на НАТО за нашата држава значи траен внатрешен мир и придонес кон мир на Балканот, како и шанса за економски развој, тоа што граѓаните со години го очекуваат. Изразен е интерес од повеќе странски инвеститори за влез во државава, по отворените атлантски перспективи. Охрабрени сме од високите претставници од ЕУ дека ако покажеме имплементација на суштинските реформи, реални се очекувањата нашата земја да добие во јуни и датум за почеток на преговорите со ЕУ. Тоа е мотивација и за институциите, да покажат резултати. И мојата определба е, како Влада, да останеме фокусирани кон овие цели. Очекувам скорешни, поголеми резултати на економски план за граѓаните“, рече премиерот Заев.

На состанокот на премиерот Заев со британската амбасадорка Галовеј е разговарано дека Балканот останува во фокусот на Обединетото Кралство и дека дипломатскиот успех на Република Македонија е пример за придонес во стабилноста и безбедноста, во регионот и во пошироки рамки.

При тоа, изразена е заедничка согласност дека постојат големи отворени можности за продлабочување на соработката со Обединетото Кралство и во делот на трговијата и економијата.