19/04/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со директорот на одделот на МНР на Словачка, Кирнаг, одговорен за подготовка со претседателството на ОБСЕ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот Роберт Кирнаг, директор на одделот на МНР на Република Словачка, одговорен за подготовка со претседателството со ОБСЕ во 2019 година.

На средбата се разговараше за приоритетите важни за развојот на Република Македонија, во делот на зајакнувањето на институционалните капацитети, владеењето на правото, околу изборното законодавство, развивањето на Република Македонија во една општество за сите, инклузивните политики што ги води Владата. Сето ова, како што е констатирано, придонесува за стабилност и безбедност како на Република Македонија, така и на целиот регион.

Амбасадорот Кирнаг, директор на одделот на МНР на Република Словачка, одговорен за подготовка со претседателството со ОБСЕ во 2019 година, соопшти дека ги поддржува напорите на нашата држава за демократски развој, напредок на меѓународен план и за безбеден и квалитетен живот за граѓаните.

Сега сме во фаза кога сме посветени на подготовки за имплементација на усвоените реформи, како и на затворање на прашањата што стојат на патот на евро-атлантските стратешки цели на државата. Веруваме дека со политичка волја од двете страни е можно решение за спорот со нашиот јужен сосед. Очекуваме датум за почеток на преговорите со ЕУ. Во овие околности, од големо значење ни е искуството на Вишеградската група, што упатува на фокусирање кон заедничка иднина на регионот. А од посебно значење ќе ни биде експертска помош од ОБСЕ, посебно за поглавјата 23 и 24, што очекуваме први да се отворат, доколку на овој начин се движат работите во  делот на евроинтеграциите, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, во име на граѓаните и на Република Македонија, се заблагодари за придонесот на ОБСЕ во земјава, во развојот на демократските процеси во државата и за поддршката во одржувањето и унапредувањето на мултиетничките односи, како во земјава, така и во регионот. Премиерот Заев, се заблагодари и на Република Словачка, за принципиелното пријателство и поддршка на Република Македонија во клучните моменти за државата и позитивните промени.

На средбата, премиерот Заев и амбасадорот Кирнаг зборуваа и за важноста од заедничко справување со предизвиците на радикален екстремизам во светот и одржувањето на мирот и стабилноста во светот.