23/04/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со француската пратеничка Танги

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претпладнево се сретна со Лилијана Танги, пратеничка во Француското Собрание, заменик претседателка на Парламентарната група за пријателство Франција – Македонија и заменик претседателка на Комитетот за ЕУ прашања, придружувана од Кристијан Тимоние, амбасадор на Република Франција во Република Македонија.

Француската пратеничка Танги, пренесе забелешка дека се направени големи напори и напредок од оваа Влада на планот на реформите и европските интеграции. Таа посочи на потребата од гаранции дека ќе се спроведат сите реформи, но дека ситуацијата на тоа како Франција гледа кон почеток на преговори на Македонија за членство е благонаклонета и треба да се продолжи да се работи во избраниот правец.

На средбата е изразена заедничка согласност дека од клучно значење како за евро интеграциите, така и за сите граѓани во државата е воспоставувањето ефективна правна држава, почитување на институциите како и на уставните одредби. Исто така поздравени се добрососедските односи и заеднички е изразена надеж дека низ конструктивни преговори со Република Грција ќе се дојде до решение на долгогодишниот спор.

Пратеничката Танги посочи дека Република Франција е поддржувач на евро-атлантските интеграции на Република Македонија, како и дека се создадени услови за зајакнување на односите меѓу двете држави и интензивирање на економската соработка.

„Реформите ги спроведуваме низ координација со делегацијата на ЕУ. Определени сме кон добрососедски политики, конструктивност и соработка со сите во државата, вклучувајќи ја во важните граѓански и државни процеси и опозицијата. Од тие причини очекуваме 2018 година да биде значајна за Република Македонија, да добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ и да се активира автоматската покана за НАТО. Изразувам посебна благодарност до Република Франција за значајната поддршка што и ја дава на Република Македонија во сите важни демократски процеси, вклучувајќи ја и реализацијата на стратешките евро-атлантски цели на државата“, рече премиерот Заев.

На средбата беше потенцирана важноста од поддршка на реформскиот План 3-6-9 од страна на сите пратеници во Парламентот и сите политички субјекти. Исто така беше истакната важноста од изградбата на Република Македонија во едно општество, со еднакви права и обврски на сите граѓани.

Француската пратеничка Лилијана Танги ќе ги пренесе впечатоците за актуелната политичка ситуација во Република Македонија на своите колеги пратеници во Француското Собрание, како и на францускиот премиер Емануел Макрон, со оглед на заинтересираноста на Република Франција да помогне во евро-интеграциските процеси како на Македонија, така и на целиот регион.