16/04/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со грчката алтернативна министерка за надворешни работи, Анагностопулу

Претседателот на Владата Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Атанасиа Анагностопулу, алтернативна министерка за надворешни работи на Грција.

На средбата е констатирано дека успехот на премиерите на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас, со постигнатото решение на долгогодишниот спор е силна порака дека Балканот може да биде носител на мир, стабилност и солидарност, спротивно на досегашните перцепции за овој регион, и посебно во услови кога на Европа и се потребни позитивни примери на решавање билатерални прашања и стабилност.

По постигнатиот Договор и отворените НАТО перспективи, изразена е поддршка и за европските перспективи на Република Северна Македонија. Оценето е дека европските интеграции се важни како за нашата држава, така и за Грција и за регионот и Европа. Исто така, заеднички е изразена цврста определба за практична имплементација на Договорот од Преспа.

– Испишуваме позитивна историја. Имаме заедничка обврска да продолжиме да работиме и на бенефитите од Договорот од Преспа за граѓаните на двете држави, но и да покажеме на Европа и на светот дека освен што се можни решенија на тешките политички прашања, тие решенија носат и придобивки на секој план, рече премиерот Заев.

На состанокот е посочено дека денешното потпишување на договорот помеѓу министерствата за надворешни работи на двете држави во Скопје, за отворање нов граничен премин во месноста Маркова нога во преспанскиот регион, носи економски, туристички придобивки, мотивира соработка и дијалог помеѓу нашите граѓани. Но е и јасен знак дека владите и на Република Северна Македонија и на Грција се определени на продлабочување и развивање на билатералната соработка, по постигнатиот историски Договор во Преспа, за којшто оддаваат почит и Европа и светот.

Се разговараше и за активностите коишто се во тек за отворање уште еден нов граничен премин помеѓу двете држави, во делот на соработката за гасно поврзување, инфраструктурното патно и железничко поврзување, за интересот на компании од Грција за инвестирање во Република Северна Македонија, за заедничкиот проект за заштита и реконструкција на Дојранското езеро, за унапредување на културната соработка.

Изразена е обострана благодарност за заложбите од двете страни за постигнатиот развој на односите помеѓу Република Северна Македонија и Грција, што ќе се унапредува низ потврда на меѓусебната доверба, разбирање и поддршка денес и во иднина.