09/12/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со министерот за надворешни работи на Финска, Хависто

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од вице премиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, имаше средба со Пека Хависто, министер за надворешни работи на Финска.

На средбата се пренесени поздрави од финскиот премиер Анти Рине до премиерот Заев, изразена е силна поддршка за проширувањето на ЕУ, како и силна поддршка од Финска, којашто претседава со Советот на ЕУ, за позитивна одлука во октомври на Самитот на ЕУ, од којшто Република Северна Македонија очекува датум за почеток на преговорите со Европската унија.

На состанокот е констатиран прогрес во областа на владеењето на правото во нашата земја и е изразена поддршка тој процес да продолжи.
Исто така соопштено е дека Финска има големо почитување кон Договорот во Преспа, како решение на билатерално прашање постигнато на мирен начин.
Премиерот Заев се заблагодари за пријателството и искрената поддршка од Финска на Република Северна Македонија и на евроинтеграциските процеси, посебно во периодот на очекуваната важна одлука за нашата држава.

-Денешната средба е историска бидејќи се случува во моменти кога Финска претседава со Советот на ЕУ, а Република Северна Македонија, за 15-тина дена, очекува од Советот на ЕУ силна и јасна позитивна одлука за почеток на преговорите со Европската унија. Ги направивме важните реформи низ консензус со опозицијата, ги решивме билатералните прашања со соседите преку редок пример на договор и политики на дијалог и решенија, цврсто сме определени кон почитувањето на европските вредности. Придонесуваме во развојот на регионалната соработка којашто резултира со развој на трговијата, бележиме раст на економијата, нови инвестиции, нови работни места, повисоки плати. Испорачавме резултати и сметаме дека како земја заслужуваме ЕУ да возврати со позитивна одлука којашто ќе биде мотивација да продолжат позитивните промени дома, а тоа ќе биде и добра порака за евроинтеграциските перспективи на регионот, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев посочи дека нашата држава е определена и кон примена на добрите европски практики во конкретни области што се применливи во земјава и во таа насока соопшти за определеноста за примена на успешните фински искуства во образованието, како и успешните практики од нордиските земји во областа на иновациите, дигитализацијата, новите технологии.

На средбата заеднички е констатирано дека се значајни и ќе продолжат твининг програмите со Финска поддржани од ЕУ во нашата држава.

Исто така, нагласено е дека Финска не е земја членка на НАТО, но тесно соработува со Алијансата и со земјите членки и се очекува, полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО, да придонесе во безбедноста и стабилноста на државава, но и да отвори можности на зајакнување на соработката на овој план помеѓу двете држави.