Средба на премиерот Заев со министерот за надворешни работи на Луксембург, Аселборн

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Жан Аселборн, министер за надворешни работи на Големото Војдводство Луксембург.

Министерот Аселборн и на средбата со премиерот Заев, на македонски јазик ја упати пораката до граѓаните, Владата и до нашата држава со зборовите: „Ве чекаме во ЕУ и во НАТО“.

Се работи за иднината на Македонија, но и за иднината на целиот регион, беше речено на средбата. Министерот за надворешни работи на Луксембург, Аселборн рече дека Македонија е на добар пат да ги осигура евро-атлантските интеграции и во таа насока изрази повик за успешен референдум во државава.

– Мнозинството граѓани на Македонија се определени за европска и атлантска иднина на Македонија и јас верувам дека референдумот ќе биде успешен. Определбата и на граѓаните и на Владата е просперитет на Република Македонија и практикување на европските вредности коишто значат подобар живот и владеење на правото за доброто на сите во државата, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, посочи на огромниот бенефит од договорот во Преспа, а тоа е заштитата и потврдата на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик во светски рамки и оцени дека граѓаните се свесни за оваа придобивка.

Заеднички е констатирано дека станува збор за историска шанса за напредок и интеграција на Македонија и дека сите политички субјекти и граѓани имаат должност да донесат одлука во интерес на доброто на државата и на иднината на децата и младите.

На средбата се разговараше и за други прашања актуелни во европски и регионален контекст, како и за потребата да се осигура стабилен и безбеден Балкан со европски перспективи.

Премиерот Заев се заблагодари на министерот Аселборн за неговото присуство во Македонија во важниот момент за државата, кога граѓаните имаат потреба да слушнат потврда од пријателите од меѓународната заедница дека се добредојдени во ЕУ и НАТО, како и за големата поддршка што и ја дава Луксембург на Македонија на тој пат.