Средба на премиерот Заев со поранешниот хрватски претседател Јосиповиќ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со делегација на Хрватско-македонската тангента, предводена од Иво Јосиповиќ, почесен член на Тангентата и поранешен претседател на Република Хрватска.

На средбата е изразена поддршка за храбрите и визионерски политики на премиерот Заев, со коишто се решени важни државни прашања и со коишто се овозможени интеграциите на нашата земја во НАТО и во ЕУ, и развојот на Република Северна Македонија. Исто така, констатирано е дека потегот на премиерот Заев, во насока на изнаоѓање решенија за стабилни и прогресивни добрососедски односи е значаен пример и голем придонес во развојот на добрососедските односи во целиот регион.

Премиерот Заев се заблагодари на почесниот член на Хрватско-македонската тангента и поранешен хрватски претседател, Јосиповиќ за поддршката од Хрватско- македонската тангента и од Република Хрватска за целиот период досега, на демократските процеси во нашата држава, како и во остварувањето на аспирациите на нашата држава за интеграција во ЕУ и во НАТО.

„Економијата почна да се движи во позитивна насока, доаѓаат инвестиции, по успешниот политички процес во државата, затворањето на отворените прашања со соседите и НАТО и ЕУ перспективите за нашата држава. Она на што сме фокусирани сега е граѓаните да го почувствуваат економскиот бенефит од овие успешно заокружени политички процеси“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев изрази очекување за успешна имплементација на судските реформи и на реформите за борбата против корупцијата, што по НАТО интеграциите, треба да донесат и датум за почеток на преговорите со ЕУ во јуни годинава. Истакната е и важноста на политиките на солидарност и социјална правда коишто се спроведуваат во интерес на градењето едно праведно и правично општество за сите граѓани.

На средбата се разговараше и за важноста од успешни претседателски избори во нашата земја, коишто е добро да донесат претседател на државата со широка поддршка од граѓаните. Сето тоа, како што е оценето, ќе придонесе што поскоро да се врати фокусот на реформскиот курс на државата во интерес на интеграциските процеси, како и на побрзо унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.

Премиерот Заев на состанокот посочи дека за Република Северна Македонија се од големо значење хрватските искуства во интеграциските процеси и соработката во области важни за граѓаните, како што е актуелната соработка во областа на енергетиката, или за реализацијата на проектот за трамвај во Скопје, што се реализира според идејно решение од пријателскиот град Загреб.