20/04/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со романската премиерка Данчила

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска ја прими во официјална посета Виорика Данчила, премиерка на Република Романија.

Премиерите Заев и Данчила прво имаа тет-а-тет средба, имаше средба на ниво на владини делегации од двете земји, а потоа премиерите имаа и заедничка прес-конференција.

Република Македонија, како што соопшти романската премиерка Данчила, ја има поддршката од Република Романија за евро-атлантските интеграции. Романија е подготвена да ѝ помогне на нашата држава со политичка и техничка поддршка. Таа нагласи дека е важна поканата од НАТО за членство и изрази очекување за успешен референдум и продолжување по европскиот пат. Таа изрази надеж дека до крајот на 2019 година има консензус од земјите членки на ЕУ и отворање на преговори членство.

„Моето присуство денеска тука во функција на премиерка на Романија, држава којашто за неколку месеци ќе го преземе претседавањето со ЕУ во 2019 година, ја укажува нашата поддршка на европскиот пат на Република Македонија“, рече премиерката Данчила.

На прес-конференцијата за медиумите, премиерот Заев изрази јавна благодарност до премиерката Данчила и до граѓаните на Романија, од име на Владата на Република Македонија, за принципиелната поддршка на реформските процеси и на евро-атлантските интеграции на нашата држава.

„Република Македонија е пред остварување на стратешките цели на државата. Добивме покана за членство во НАТО и датум за почеток на преговори со ЕУ во јуни 2019 година.

И сакам да порачам,
Секоја земја пријател што ни помогна и ни помага на овој пат, прави добро дело за граѓаните на Македонија:
–   овозможува економски развој на нашата земја, од сиромаштијата во којашто тонеше со години,
–   отвора перспективи за повисок животен стандард, за нови работни места, за повисоки плати, за живот на нашите граѓани.

Многу е драгоцена поддршката од демократскиот меѓународен свет. Нашите партнери ја препознаа својата улога и ни дадоа поддршка во нашите напори за развој на Република Македонија и во нашите eвро-aтлантски интеграции. 

Покажавме дека можеме да се справиме мирно со тешка политичка криза, дека можеме да работиме енергично на сите потребни реформи, дека можеме да бидеме мотор на регионот низ унапредување на добрососедските односи.

И овој пример на позитивни промени што го дадовме, е демократски подарок од нас за нашиот регион и за Европа. Покажавме дека кога се сака, кога се верува, кога се знае – се може и се успева.

Ние очекуваме фер вреднување според индивидуалните заслуги и го очекуваме нашето заслужено место во НАТО и во ЕУ.

Затоа, почитувана премиерке Данчила,
Значајна е оваа наша средба, посебно што Република Романија ќе го преземе претседателството со ЕУ од јануари 2019 година и ќе претседава со ЕУ во клучните месеци за Република Македонија, кога треба да ги завршиме внатрешните реформи и да го заокружиме договорот со нашиот јужен сосед, Република Грција.

На реформите во правосудството активно работиме. А очекувам и успешен референдум и уште една зрела, мудра, прогресивна одлука на големото мнозинство на нашите граѓани којашто ќе го потврди патот за нашето членство во НАТО и ЕУ. 

Големото мнозинство граѓани еднаш избра демократија наместо режим и ни ја довери честа и одговорноста како прогресивна Влада, да ги направиме позитивните промени за квалитетен живот за коишто зборувам и да ја внесеме земјата во НАТО и ЕУ.

Ве повикувам, поддржете ги надежите на граѓаните на Македонија за живот според стандардите на напредниот свет.

Следната година во јуни, да ви заблагодариме уште еднаш и уште посилно, за отворени пристапни преговори на ЕУ со Република Македонија.

Во меѓувреме, како што констатиравме заеднички на средбите пред оваа прес конференција, има голем потенцијал за развој на економските односи на билатерален план – и да пристапиме кон можностите, за доброто на граѓаните на двете земји.
 
Благодарам за посетата и понесете во Романија порака од Владата на Македонија до бизнис заедницата и до сите заинтересирани субјекти и институции – вратите за соработка на секое поле значајно за луѓето во нашите држави, се отворени!“, рече премиерот Заев на прес конференцијата.
 
На средбите претходно, заеднички беше констатирано дека постојат можности за унапредување на билатералната соработка низ активирање на постоечките договори и за постигнување нови договори во соработката помеѓу двете држави на повеќе полиња.