29/03/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со високи претставници на швајцарскиот Центар за безбедност, развој и владеење на правото

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со високи претставници на швајцарскиот Центар за безбедност, развој и владеење на правото, DCAF, Томас Гуебер, директор и Марк Ремилард, програмски менаџер, придружувани од Сибил Сутер Тејада, амбасадорка на Швајцарија во Република Македонија.

На средбата се разговараше за можностите за формализирање на соработката со Центарот за безбедност, развој и владеење на правото, DCAF, во делот на истражувања и експертизи за реформските процеси во безбедносниот сектор во Република Македонија, според најдобри пракси од земји членки на ЕУ.

„Одлучни сме да спроведеме професионализација на безбедносните служби и да го направиме системот функционален, обезбедувајќи парламентарен надзор и граѓанска контрола врз работата на безбедносните служби, како една од значајните клучни реформи што ги правиме во рамки на реформскиот процес“, рече премиерот Заев.

На средбата беше заеднички констатирано дека за реформите во безбедносниот сектор потребен е инклузивен процес, со вклученост на Парламентот, опозицијата, граѓанскиот сектор. Разговарано е и за зајакнување на судско – обвинителните капацитети во рамки на овој реформски процес.