19/04/2024
Македонија

Средба на претседателот Иванов со Метју Палмер, заменик-помошник секретар во Стејт Департментот на САД

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Метју Палмер, заменик-помошник секретар во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави.

Македонскиот претседател изрази очекување дека ќе продолжи американската поддршка за надворешно политичките цели и приоритети на Република Македонија – интеграцијата во евроатлантските структури, НАТО и ЕУ, добрососедските односи и регионалната соработка.

„Република Македонија останува целосно посветена на исполнување на политичките критериуми за членство во НАТО и Европската унија. Процесите на интеграција се клучни за стабилноста и благосостојбата на земјата и се во интерес на целиот регион”, порача македонскиот претседател.

На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во Република Македонија како и за тековните случувања во процесот на разговорите за надминување на разликата околу името.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија ќе продолжи конструктивно да учествува во разговорите, но дека процесот мора да остане во рамката утврдена од страна на Обединетите нации. На средбата со г. Палмер, претседателот Иванов уште еднаш ја истакна потребата за почитување на обврските од Уставот и законите со цел информирање за текот на разговорите и посочи дека очекува да му биде одговорено на барањето за достава на предлог-пакетот за решавање на спорот и белешките од паралелните разговори помеѓу министрите за надворешни работи и премиерите на двете земји.

Двајцата соговорници се согласија за натамошно зацврстување, збогатување и унапредување на стратегиското партнерство меѓу Република Македонија и САД.