29/03/2024
Македонија

Средба на заменик министерот Максути со претставници на Заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ

Заменик министерот за одбрана, Беким Максути денеска во Министерството за одбрана оствари средба со високи претставници од Европската унија предводени од Педро Серано заменик генерален секретар за Заедничка безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП) и одговор на кризи.

Посетата имаше за цел да се поврди ангажманот на ЕУ за зајакнување на соработката со земјите партнери во доменот на одбраната , како и во борбата против тероризмот и спречувањето на насилниот екстремизам.

На денешната средба заменик министерот Максути рече дека Република Македонија ја потврди стратегиската определба за членство во ЕУ и дека напорно работи на реформите согласно планот на Владата 3-6-9 за да се исполнат критериумите за членство во ЕУ. Тој додаде дека и Стратегијата која ја донесе Европската комисија за европската иднина на Регионот, дава поттик како Влада да работиме повеќе во остварување на нашата цел. Максути рече дека како дел од реформите на кои се работи е новиот Стратешки одбранбен преглед во кој се опфатени и новите безбедносни предизвици, а кој се изработува во соработка со земји од ЕУ и НАТО.

Заменик генералниот секретар Серано, рече оваа соработка се гледа како на соработка на земја која ќе биде дел од Унијата и дека мора заеднички да се работи и да се разменуваат информации во борбата против овој комплексен проблем. Тој додаде дека би сакале безбедносните проценки кои ги вршат институциите кои се дел од одбранбениот систем да ги споделат со земјите од Унијата со цел зајакнување на одбранбената соработката.

Серано додаде дека во моментов во Унијата работи на проценки за идните мисии, безбедносни структури и капацитети со цел истите да бидат поефективни.

Република Македонија во рамки на ЗБОП на ЕУ придонесува во операцијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

Денешните разговори се мошне значајни за Македонија во процесот на пристапување во ЕУ и истите придонесуваат за зајакнување на партнерските односи со Унијата.