Средба Спасовски-Пинтер: Договорено интензивирање на соработката меѓу македонската и унгарската полиција

Министерствата за внатрешни работи на Република Македонија и Унгарија имаат одлична соработка и таа во наредниот период дополнително ќе се унапредува, истакнаа по денешната средба во Скопје министерот за внатрешни работи на Република Македонија Оливер Спасовски и министерот за внатрешни работи на Унгарија Шандор Пинтер.

На денешната средба министрите Спасовски и Пинтер разговараа за начините како дополнително да се интензивира соработката меѓу двете полиции, особено околу заедничката соработка и поддршка во регионалните и меѓународните организации.

„Сакам да му се заблагодарам на министерот Пинтер, кој што несебично и помогна на македонската полиција во справувањето со мигрантската криза. Тоа беше еден од најголемите предизвици за Република Македонија, со кој можевме да се справиме само преку взаемна соработка со државите од регионот и државите членки на Европската унија. Унгарската полиција направи многу за да и помогне на Република Македонија во справувањето со оваа криза“- рече министерот Спасовски.

Проектот за засилен надзор на јужната државна граница на Република Македонија кон Грција започна во декември 2015 година, преку упатување на полициски службеници од неколку пријателски земји на нашата јужна граница, меѓу кои беа и полициските службеници од Унгарија. Од започнувањето на проектот до сега вкупно 611 унгарски полициски службеници биле распределени во 22 контингенти.

Како дел од одличната соработка, рече министерот Спасовски, минатата година беше потпишан и Меморандум за разбирање меѓу Центарот за обука на МВР и Полициското училиште за спроведување на законот во Сегедин. Преку реализација на заеднички програми за размена на стручен кадар и студенти, размена на искуства и податоци, изработка на заедничка програма за обука и спроведување заеднички обуки и проекти поврзани со превенција уште повеќе се унапредува билатералната соработка. Наскоро треба да биде потпишан и Договор меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Унгарија за полициска соработка, кој има за цел продлабочување на соработката меѓу полициските органи на двете држави, со цел поефикасно делување во сузбивањето на меѓународниот криминал со акцент на поефикасна борба против тероризмот, организираниот криминал, недозволената трговија со дрога, илегалната миграција и други кривични дела.

И министерот за внатрешни работи на Унгарија Шандор Пинтер ја потенцира добрата соработка меѓу двете министерства.

„Сакам да им оддадам признание на македонската полиција за она што го прави во обезбедувањето на границата кон Грција. Овие полициски службеници ги штитат границите на Република Македонија, но и на Европската унија“- рече министерот Пинтер додавајќи дека унгарските полициски службеници и во идниот период ќе и помагаат на македонската полиција.