28/03/2024
Охрид

Средношколци од „Св.Кирил и Методиј“ – Охрид ќе бидат дел од трибината „Твоја Европа, Твој збор“ во Брисел

Денес во посета на СОСУ „Св.Кирил и Методиј“ – Охрид, беше Роман Хакен, член на Европскиот економски и социјален комитет, за да подготви делегација на студенти на трибината „Твоја Европа, Твој збор“ (Your Europe Your Say), за Европската младина која ќе се одржи во Брисел во март 2020 год.

„Особена чест и задоволство ни е што ја имаме привилегијата нашето училиште да е единствен македонски претставник на оваа трибина. Г-дин Хакен ќе работи со нашите ученици: Сара Настевска, Михаела Тиковска и Стефан Јосифовски под менторство на наставникот Катерина Симјаноска.“ – информираат од СОСУ „Св.Кирил и Методиј“ – Охрид.

На учениците кои ќе учествуваат од цела Европа ќе им биде поставена задача да изнесат конкретни мерки што треба да се преземат во училиштата, клубовите и ќе имаат можност да учествуваат во повеќе активности во Брисел каде ќе ги искажат своите ставови како млади жители на Европа и да се стекнат со познавање и размена на мислења со врсниците од земји членки од Европската Унија и кандидати за членство во Унијата.

Училиштата се избрани од над 400 апликанти од 28 земји-членки на ЕУ и од 5-те земји кандидатки.

Главната цел на овој настан е да осигури дека ставовите, искуствата и идеите на младите се земени предвид при креирањето на политиките на ЕУ.