28/03/2024
Охрид

Стартуваше масовната имунизација во регионалниот центар во Охрид

Денеска официјално стартуваше  масовната имунизација во регионалниот центар за вакцинација во спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид. Вакцинирањето се одвива непречено и организирано согласно протоколот за имунизација утврден од страна на Министерството за здравство и согласно закажаните термини.

Во текот на вчерашниот ден пристигна првата пратка од 7200 вакцини од производителот “Синофарм”. Дистрибуцијата на предвидените дози наменети за регионалниот центар ќе се одвива последователно во зависност од капацитетот и условите за чување.

Регионалниот центар во Охрид е надлежен за вакцинација на граѓаните од општините Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани, Дебар, Ресен и Кичево.

Општина Охрид во координација со  ЈП “Билјанини Извори” и надлежните од Министерството за здравство обезбеди просторни услови и беше вклучена во логистичка поддршка во делот на опремување. Исто така 36 вработени од локалната самоуправа се ангажирани во редарската служба на центарот и во делот на функционирањето на системот за евиденција.

Регионалниот центар за имунизација во Охрид располага со 14 приемни пунктови и 28 вакцинални места. Благодарение на општествено одговорни компании, центарот беше опремен со 14 паравани, нов агрегат за ладилникот, комплетна компјутерска опрема и оптички интернет за потребите на компјутерскиот центар за евиденција на граѓаните.

За останатите активности околу спроведување на имунизацијата, ангажирање на волонтери, за целиот процес и протокол за организација на вакцинацијата надлежно е Министерството за здравство. Сите поединци кои се дел од процесот на имунизација се соодветно обучени и имаат поминато процес на симулација на вакцинација.

Според информациите од министерството, во моментот во Центарот за вакцинација во Охрид ангажирани се доволно лица за непречено одвивање на процесот и доколку се утврди зголемена потреба, според соодветен план и динамика можно е да бидат вклучени и дополнителни обучени лица.

Општина Охрид упатува апел до сите граѓани да се регистрираат во системот и навремено да резервираат термин за вакцинација. Вакцинацијата е единствениот начин за надминување на здравствената криза предизвикана од светската пандемија со Ковид 19.