18/04/2024
Охрид

Стартуваше новата авиолинија Малме-Охрид-Малме

На охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, денес, стартуваше новата авиолинија Малме – Охрид – Малме. Првите 118 патници од новата редовна линија, ги пречекаа министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, в.д. градоначалникот, Константин Георгиески, Неџат Курт од ТАВ Македонија и претставници на општина Струга.

Ми причинува огромно задоволство што денес, имаме можност да им посакаме топло добредојде и пријатен престој на патниците од нововостановената директна авиолинија Малме – Охрид – Малме. Во оваа прилика сакам од мое лично име и од името на општина Охрид, да ја изразам благодарноста до Владата, менаџментот на ТАВ и Охридскиот аеродром и до компанијата „Визер“ за реализацијата на овој проект. Оваа линија, но и новата Милано – Охрид – Милано, ќе бидат од големо значење за нашите, но и за жителите од поблиските градови на соседна Албанија. Воведувањето на нови авиолинии од и кон Охридскиот аеродром веќе станува пракса која особено ме радува. Таквата пракса е во корелација со нашите заложби за развој на туризмот и промоцијата на Охрид. Од информациите што ги имаме речиси сите летови кон Охрид се реализираат со полни авиони, истакна в.д. градоначалникот Георгиески.

Линијата Малме – Охрид – Малме ќе оперира два пати неделно во понеделник и петок со време на пристигнување во 11:25 часот, а време на поаѓање 11:55 часот.

 Среќни сме да ги пречекаме и да го најавиме додавањето на Малме и на Милано на мапата со дестинации како две авиолинии што ќе сообраќаат во текот на целата година на Аеродромот Св. Апостол ПавлеОхрид.Оваа прилика не е само за одбележување на проширувањето на мрежата на линии од охридскиот аеродром, туку ова исто значи и отворање два нови дојдовни пазари, Шведска и Италија, за патници и туристи кои доаѓаат во посета на прекрасниот Охрид.Во исто време, двете неделни фреквенции, ќе бидат од корист за целата локална заедница долж Охридското Езеро и за економијата во нашата земја воопшто.Директните линии Охрид-Малме и Охрид-Милано (Малпенса) може да се користат како поволна конекција при патување во Шведска или Италија.ТАВ Македонија секогаш се радува на новите авиолинии и новите можности за патниците кои ги користат двата аеродрома во Скопје и во Охрид, а денес ни е драго што се задоволени потребите и барањата на патниците.Со воведувањето на овие две нови дестинации, веруваме дека ќе има бројни можности за македонските граѓани да го прошират и да го зголемат нивното патувачко искуство.Би сакал да се заблагодарам на „Визер“ за нивната посветеност кон развој на воздухопловството во нашата земја, како и на Владата за нивната постојана поддршка, рече Неџат Курт од ТАВ Македонија.

Покрај линијата со Малме, од утре започнува уште една нова редовна Милано – Охрид – Милано, која ќе сообраќа секој вторник и сабота со време на пристигнување 17:25, а полетување 17:55 часот. Двете нови авиолинии ги реализира „Визер“. Со додавањето на Малме и Милано, како нови дестинации, сега од Аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид има 5 редовни линии Виена, Базел, Цирих, Малме и Милано, како и 8 сезонски дестинации до Амстердам, Брисел, Тел Авив, Варшава, Катовице, Истанбул, Ајндховен и Талин, на кои оперираат 11 авиокомпании.