28/03/2024
Писма/Колумни

Став на Сашо Точков за неговото разрешување од функцијата директор на ЈЗУ Центар за јавно здравје

Почитувани мои сограѓани, драги пријатели,

После сите овие неколку дневни случувања и ваши реакции предизвикани од моето разрешување од функцијата Директор на ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид, чувствувам потреба да изразам голема и искрена благодарност за поддршката која ми ја давате и воедно да ви се извинам што дел од вас, заради вашите реакции, се изложени на јавни понижувања и навреди.

Моето воспитување и достоинство не ми дозволува да се спуштам на нивото наметнато од поединци и да ги коментирам фабрикуваните и пласирани невистини и измислици чија цел е манипулација со јавното мислење и уништување на здравиот разум, човечноста, правилното расудување, ентузијазмот, вербата во вистинските вредности, прогресивните идеи и се она за кое макотрпно се бориме сите, како разумни, одговорни и чесни луѓе. За мене искажувањето лаги и навреди на сметка на мојата личност и работен ангажман, кое доаѓа од поединци затскриени зад некој портал, не ме загрижува. Напротив, тоа е главниот мотиватор, индикатор и потврда дека сум на вистинскиот пат и го правам најдоброто за овој град и за заедницата. Пофалби и поддршка од такви сомнителни личности/портали многу повеќе би ме загрижила и замислила, каде и што сум погрешил?!

Функцијата Директор на Центар за јавно здравје Охрид за мене беше голем предизвик на кој максимално и без резерви се вложив за заедно со вработените да го подигнеме квалитетот и достапноста на здравствените услуги што ги нуди Центарот за јавно здравје Охрид. Искрената посветеност, макотрпната работа, високата креативност и професионалност на сите вработени придонесоа Центар за јавно здравје Охрид денес да биде препознатлив како реномирана установа. Благодарам на сите вработени за несебичното и искрено залагање, многу често и надвор од работното време и на сите корисници на нашите услуги кои изразиле пофалби и поддршка на нашите активности.

Навистина е болно кога чувствувате неправда, но оваа болка предизвикана од неправда, лицемерие, завист и омраза, кога е споделена со вашата поддршка со сите вас кои ги препознавате, негувате и почитувате вистинските вредности, ја губи силината. Неправдата ми предизвикува огромен порив и желба за правда, но без користење на освета, уцени, омраза и навреди. Затоа, бидете сигурни дека јас останувам она што бев, со сите мои особини, вредности и мани и натаму посветен на мојот професионален ангажман во Центар за јавно здравје Охрид, волонтерскиот ангажман во Црвен крст Охрид и како и досега, со полна сила, воља и желба да бидам достапен во секое време за потребите на луѓето, од моето поле на делување, но и заедно со сите добронамерни и чесни луѓе да се борам за вистината и правдата, кои, верувајте дека се достапни.

Останете достоинствени, во добро здравје и чувајте се од коронавирусот, но и од дезинформации, лаги и злобни луѓе.

Сашо Точков

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.