Стручна средба на Активот на училишни педагози од Охрид и Струга
Вчера во ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец, Охрид, се реализира стручна средба на педагозите од основните и средни училишта од Охрид и Струга. На средбата се разгледуваа и споредуваа резултатите од полугодишниот успех и редовноста на учениците во основните и средните училишта од овие општини, се дискутираа актуелни прашања и проблеми со кои училиштата секојдневно се соочуваат, се донесоа заклучоци за понатамошно делување, а исто така се презентираа и резултати од Студијата за здрав живот „Health behavior in school aged children“.
Активот на училишни педагози на Охрид и Струга (АУПОС) повеќе од една година функционира во регионот, а во него членуваат педагозите од основните и средни училишта во општина Охрид и Струга. Преку редовни состаноци и размена на искуства овој актив ги организира и поттикнува педагозите низ професионална, одговорна и стручна работа да придонесуваат за поквалитетно воспитание и образование на учениците, како и подобар углед и општествен статус на професијата училишен педагог.
„Преку овој актив, ние педагозите како еден од клучните воспитно – образовни субјекти во училиштето, сакаме на организиран начин и обединето да пристапуваме кон прашањата од стратешки карактер и да дадеме придонес за креирање позитивен амбиент во училишните средини за имплементирање функционални образовни политики, преку реализација на истражувачки, развојни, образовни и иновативни проекти и активности“. – велат од Активот на училишни педагози од Охрид и Струга.