Суперанализата потврди присуство на ГМО во соините шницли и трошки
Агенцијата за храна и ветеринарство ги доби резултатите од суперанализите на соините трошки и соините шницли, кои, на барање на операторот со храна се вршеа во референтна лабораторија во Европската унија. Истите, како што беше констатирано и со првичната лабораториска анализа, потврдија присуство на ГМО.
Увезената соја е по потекло од компанијата “Сојапротеин” од Бечеј Република Србија, а мострите беа земени во рамки на Мониторинг програмата за безбедност на храната која ја реализира Агенцијата за храна и ветеринарство.
Во Република Македонија, производите соини шницли увезени се од операторот со храна “Виталиа”, а дистрибуирани во прометот преку операторот со храна КАМ ДОО Скопје. Увозот на соините трошки, извршен е од страна на операторот со храна “Сопродекс”, а во прометот, исто така биле дистрибуирани преку операторот со храна “КАМ” ДОО Скопје.
Соините шницли и соините трошки во количина од 510 килограми, дел затекнати во магацин, дел повлечени од продажба, се наоѓаат под официјален надзор и деновиве ќе бидат нештетно уништени, исто како и позитивната мостра ориз во количина од 550 килограми, по потекло од Кочанско, произведена од увозен семенски материјал.
Агенцијата за храна и ветеринарство веќе подготвува план за контрола за присуство на ГМО кај годинашнава, нова реколта ориз која се произведува во Република Македонија.
Согласно Законот за безбедност на храна, забранет е увоз, производство и промет во Република Македонија на храна и производи од храна која содржи ГМО, или е составена од ГМО. За увозниците и за операторот со храна кој извршил промет на ваквите производи во Република Македонија, согласно овој закон ќе им бидат изречени парични казни во висина до 5 илјади евра во денарска противвредност, а казна ќе добијат и одговорните лица во овие компании.