18/04/2024
Македонија

Швајцарија ќе поддржи образовен проект за зголемување на вработливоста во Македонија

Швајцарската Конфередација ќе обезбеди финансиска и логистичка поддршка за реализација на 10 годишен проект „Образование за вработување во Македонија“ кој треба да започне годинава и има за цел да го подигне степенот на вработливост во земјата.

Имплементацијата на проектот беше една од клучните теми на разговор за време на денешната средба помеѓу министерот за образование и наука Арбер Адеми и заменикот амбасадор на Швајцарија во Република Македонија, Стефан Томаџан. Двајцата соговорници подетално се осврнаа на спроведувањето и очекуваните ефекти од проектот, кој ќе се спроведува етапно, а првата фаза ќе трае заклучно со 2022 година.

Проектот ќе биде имплементиран од страна на Helvetas Swiss Intercooperation, Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) и Стопанската комора на Македонија и со истиот ќе бидат опфатени млади невработени и несоодветно вработени лица на возраст до 29 години, ученици од стручното образование и обука, со грижа за вклучувањето на жени, Роми, како и лица со попреченост.

Целите на проектот се насочени кон унапредување на неформалното и формалното стручно образование, како и кон хармонизирање на соодветната законска регулатива во земјата.

Министерот за образование и наука, Адеми се заблагодари за досегашната поддршка од страна на Швајцарија кон земјата, изразувајќи и големо задоволство што истата продолжува во периодот што следи, но и се надградува токму преку имплементацијата на проекти од ваков тип.

За време на средбата, двајцата соговорници се осврнаа и на повеќе други теми поврзани со заеднички тековни активности и проекти во областа на образованието и науката.

Заменик амбасадорот Томаџан, упати честитки до министерот, по повод неодамнешното именување на функцијата и ги потврди искрените намери на Швајцарија да и помогне на земјата во заложбите за градење на што подобар и поквалитетен образовен систем, како и во заложбите за намалување на невработеноста, особено кај младата популација.

ZV1

ZV2