Свечен прием за првачињата во ОУ „Живко Чинго“ Велгошти
Денес започна новата учебна 2025/2026 година за сите основци и средношколци во земјава. Во ОУ „Живко Чинго“ – Велгошти, за првачињата беше организиран свечен прием.
Пред присутните ученици и родители се обрати директорката Љубица Ангелоска Кркачоска, која им посака срдечно добредојде и успех на сите ученици и вработени.
„Драги првачиња, почитувани родители и наставници!
Денес е еден од најубавите денови во нашето училиште – денот кога нашите најмили ученици, нашите првачиња прв пат го преминуваат прагот на знаењето.
Драги дечиња, Добре дојдовте во вашиот втор дом – училиштето. Од денес почнувате едно прекрасно патување исполнето со нови зборови, приказни, песни, игри и пријателство. Овде ќе научите не само да читате и пишувате, туку и да бидете љубезни, храбри и упорни.
Вашите наставници со голема љубов и трпение ќе ве водат низ секој нов ден. Тие се тука да ви помогнат, да ве охрабрат и да ве научат колку е важно да се учи со љубопитност и со срце.
Почитувани родители, знам дека денес е среќен ден и за вас. Ден на гордост. Сакам да знаете дека вашите деца се во сигурни раце. Заедно, како тим вие, ние и учениците – ќе создадеме средина полна со разбирање, поддршка и радост. Нека оваа учебна година започне со насмевки и љубов, а заврши со многу нови знаења и убави спомени.
На сите првачиња им посакувам среќен почеток, а на сите ученици и вработени во ООУ „Живко Чинго“, успешна учебна година!
Среќно на сите!“ – истакна директорката Кркачоска.

